Објавено на 05 Јуни, 2022 во Вести, До 21 год
Младата репрезентација на Македонија вчера, во вечерните часови пристигна во Истанбул, Турција, каде што ја очекува последниот дуел од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2023 во Романија и Грузија.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во последното коло од групата Х силите ќе ги одмерат со силната селекција на Украина.
Првиот натпревар што го одиграа овие две репрезентации, на тренинг центарот „Петар Милошевски" заврши нерешено 1:1. За нашата селекција на тој натпревар стрелаше Томче Гроздановски, кој во меѓувреме доби повик во А репрезентацијата на Македонија.
Македонија до 21 година денеска го имаше официјалниот тренинг во пресрет на дуелот со Украина. На утрешниот меч против Украина поради повреда нема да биде во можност да се стави на располагање на селекторот Драги Канатларовски еден од нашите најдобри поединци во овој квалификациски циклус, Арби Воша.
На 2. јуни, во Скопје, во рамките на предпоследното коло од овие квалификации беше совладана селекцијата на Ерменија со 3:1.