Објавено на 16 Ноември, 2019 во Вести, До 19 год
Македонската репрезентација до 19 години загуби со 5:0 од Англија во вториот круг од квалификацискиот турнир за пласман во Елитна рунда квалификации за Европско првенство. Со втората победа, топ фаворитот Англија обезбеди место во следната фаза за пласман на Европско првенство, додека за вториот патник во елитната фаза од групата ќе решаваат дуелите од третото коло меѓу Македонија - Луксембург и БиХ - Англија. На стадионот во Ѓорче Петров, селекцијата на БиХ го победи Луксембург со гол во 90. минута.
На тренинг центарот „Петар Милошевски“, Англија ја потврди фаворитската улога во дуелот со избраниците на нашиот селектор Горан Станиќ. Гостите доминираа во текот на натпреварот, контролирајќи ја играта и резултатот. Во првиот дел имаа неколку прилики, посебно од прекини, а од таква ситуација англичаните постигнаа водечки погодок во 41. минута. Капитенот Томас Дојл погоди од слободен удар изведен речиси од работ на шеснаесетникот. Македонската репрезентација имаше две полуприлики, во 30. минута по корнерот на Сухељ шутираше Ѓурковски и две минути подоцна кога гостинскиот голман го одбрани ударот на Мухарем Сухељ.
На почетокот од второто полувреме , односно во 49. минута имавме прекрасна прилика за израмнување кога Сухељ шутираше од непосредна близина од голот на англичаните, но интервенираше англискиот голмман. На спротивната страна само минута подоцна нашиот дефанзивец Ѓурковски спасуваше од гол линија по ударот на Гордон, но сепак Ентони Гордон успеа да ја затресе мрежата на Матеј Андов постигнувајќи евро гол во 54. минута за 2:0. Грешката и невниманието на нашата одбрана во 72. минута ја казни Џејмс Гарнер за 3:0. Истиот фудбалер во 79. минута повторно со удар надвор од шеснаесетникот го даде својот втор гол на натпреварот за убедливи 4:0. Конечниот резултат го постави Сака во 86. минута.
МАКЕДОНИЈА до 19 години: 1. Матеј Андов, 2. Георгие Јанкулов, 4. Јетон Даути (59` Бојан Димовски), 5. Божидар Митревски 6. Александар Ѓурковски, 8. Агон Елези, 10. Сухељ Мухарем, 11. Методи Макесимов, 15. Ване Тасевски (86` Абдулвахид Мурати), 16. Арби Воша (66` Давид Тошевски), 19. Ерсан Хајдари;
На натпреварот од истата група одигран на стадионот во Ѓорче Петров, Босна и Херцеговина со погодок во последната минута на Бајровиќ го совлада Луксембург.
На 19. ноември од 13:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“, Македонија игра против Луксембург во последниот трет круг од квалификацискиот турнир, додека во Ѓорче Петров се соочуваат БиХ и Англија.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....