Објавено на 01 Декември, 2016 во Вести
Денеска во Краков од 18:00 часот ќе биде одржано извлекувањето на групите за Европското првенство за репрезентации до 21 година кое идната кодина ќе се одржи во Полска. Избраниците на селекторот Благоја Милевски се наоѓаат во третиот „пот“ за ждребот заедно со селекциите на Шведска, Италија, Чешка, Словачка и Србија. Потенцијални противници на македонската репрезентација од првиот барабан се домашната селекција, Германија и Португалија, додека Шпанија, Англија и Данска се наоѓаат во третиот барабан.
Славниот Паулета, поранешениот репрезентативец на Португалија и легендарен голгетер на француски ПСЖ во улога на спортски директор на репрезентацијата на Португалија со многу комлименти зборуваше за нашата млада селекција и можноста за меѓусебна пресметка на Европското првенство.
-Македонија направи голема работа со пласманот меѓу најдобрите 12 репрезентации. Вие ја елиминиравте Франција, а тоа беше шокантно за французите, па и за сите нас кои сме директно вклучени во циклусот. Можеби Македонија според рангот не е во групата на фаворити, но претставува опасна репрезентација, со многу енергија и неверојатен тимски дух. Знаете, овде се најдобрите 12 селекции во Европа и секој натпревар ќе биде тежок, можеби фаворити се Германија, Шпанија, целта на нашата репрезентација е исто така европската титула, но ќе биде неизвесно и многу квалитетно првенство, истакна Паулета.
Селекторот на репрезентацијата на Србија, Томислав Сивиќ вели дека првенството во Полска е сигурно најсилното во последните 20-на години.
-Сигурно најсилно континентално првенство во последните 20. години бидејќи и системот на натпреварување е таков што само најдобрите одат понатаму. Нема лесни противници, сите репрезентации имаат квалитет, а можеби се издвојуваат две или три кој се фаворити, како Германија, Англија, Португалија, можеби Италија, истакна Томислав Сивиќ.
Селекторот на репрезентацијата на Македонија Благоја Милевски посети дел од терените и спортските комплекси во Краков кои се предвидени за подготовка на репрезентациите во пресрет на Европското првенство. Покрај терените на локалните клубови Забјежув и Броновјанка, нашата делегација ги посети и комплексите на клубовите Висла Краков и Краковиа, стадионот каде што ќе биде одиграно и финалето на Европското првенство. Милевски истакна дека е неблагодарно да се прогнозира исходот од денешната шдрепка.
-На Европското првенство е собрана елитата, ова е последниот филтер пред да го добиеме континенталниот првак и навистина е неблагодарно да прогнозираме во однос на нашите евентуални противници. Најважната работа за нас во следниот период е да ги обезбедиме најдобрите услови за подготовка на тимот и да ги следиме активностите и натпреварите на играчите. Убеден сум дека Полска ќе биде одличен домаќин. Домаќините и резултатски имаат големи очекувања, но ние секогаш се фокусираме само на нашиот тим. Верувам дека сите ја сфаќаме сериозноста на овој голем настан за нас и остануваме позитивни, вели Милевски.
Од 16. до 30. јуни Полска во шест градови го организира континенталното првенство. Краков, Кјелце, Лублин, Гдињ, Бидгошч и Тучи се градовите домаќини, а вечерва ги дознаваме нашите противници во групата.