Љубинко Друловиќ: Верувам во тимот и се надевам на добра игра

Објавено на 10 Јуни, 2015 во Вести, Квалификации ЕУРО 2016, Вести

На ден пред тргнувањето за Словачка, селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Љубинко Друловиќ и репрезентативците Томе Пачовски и Агим Ибраими на прес конференција ги споделија впечатоците и очекувањата од подготвителниот период.


„Натпреварот против Словачка ќе биде важен за нас, го започнуваме вториот дел од квалификациите против фаворитот Словачка. Противникот е исклучително квалитетен, имаат пет победи во низа и заслужено се на првото место. Но, тоа не значи дека без амбиции патуваме во Жилина, напротив. Сметам дека одработивме исклучително добри подготовки, имаме играчи кои можат да се носат со силни екипи и очекувам да бидеме на врвно ниво. Доколку индивидуалните квалитети ги ставиме во функција на тимот, не може да биде лошо. Нема да биде лесно, но доколку имаме вистински однос кон играта и тимски дух, тогаш можеме да ја урнеме непријатната серија резултати против Словачка. Верувам во играчите, потврдија дека се вистински професионалци, а Словачка може да претставува само инспирација", изјави селекторот Љубинко Друловиќ.


Томе Пачовски има високо мислење за новиот селектор и смета дека силната селекција на Словачка има слаби страни кои треба да се искористат за да се изненади противникот.

„Новиот селектор внесе многу позитивни работи во селекцијата, имаме високо мислење за нашиот предводник и се надевам дека тоа ќе го пренесеме и на терен. Го анализиравме противникот, иако изгледаат недопирливи во групата имаат слаби страни и сметам дека можеме да ги изненадиме. Патуваме со многу надеж и желба и тоа што го работевме на подготовките да го пресликаме на теренот во Жилина", изјави Томе Пачовски.


Агим Ибраими вели дека во тимот се создава нова позитивна атмосфера која е од големо значење за тимот во целина.

„ Навистина работевме многу со новиот селектор. Создадовме нова позитивна атмосфера, а тоа е многу важно за нас. Ни треба компактност и дисциплина. Словачка е фаворит, но одиме да се надигруваме . Размислуваме позитивно и се надеваме на добар резултат", изјави Агим Ибраими.




   
   
А репрезентација