ЉУБИНКО ДРУЛОВИЌ Е НОВИОТ СЕЛЕКТОР НА А РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Објавено на 23 Април, 2015 во Вести, Вести

Љубинко Друловиќ е изборот за селектор на најдобрата македонската фудбалска репрезентација. Со некогашниот прославен фудбалер на Порто и Бенфика и поранешен репрезентативец на СР Југославија е потпишан договор на две и пол години.

Одлуката за избор на новиот селектор беше донесена според предходно дефинираните критериуми на Фудбалската федерација на Македонија. Програмата и визијата за македонскиот фудбал, подготвеноста да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал, работата како тренер и остварените резултати, имиџот во јавноста, карактерот, како и покажаната желба за извршување на функцијата, пресудија изборот да биде на Љубинко Друловиќ, најдобар тренер во Србија за 2013 година.

-Имам голема чест, а уште поголема одговорност да ја преземам должноста селектор на А репрезентацијата на Македонија. Благодарност за моето именување до претседателот Илчо Ѓорѓиоски и до сите членови на Управниот одбор на федерацијата. Сите кои ме познаваат знаат дека ќе направам сѐ за да ги оправдам очекувањата, ќе се обидам да докажам дека мојот избор е добра работа за македонскиот фудбал.  Секако, ветувам дека со својот стручен штаб ќе вложам максимален труд во работата со А селекцијата. Пред нас се уште пет натпревари во квалификациите. Ова ќе биде голем предизвик за сите нас. Никој не може да гарантира успех, но можеме да ветиме многу работа. Ни требаат фудбалери во силен карактер од кои треба да се направи тим кој ќе биде во служба на резултатот, изјави Љубинко Друловиќ.

Љубинко Друловиќ фудбалската кариера во Србија ја градеше во Златар, Слога (Краљево), Ужичка Пожега, Слобода (Ужице), Рад и Партизан, а како интернационалец настапуваше за португалските Жил Висенте, Порто, Бенфика и Панафиел. Друловиќ е еден од ретките фудбалери кои во текот на деведесетите години учествуваше во освојувањето на пет титули во низа првак на Португалија (1995, 1996, 1997, 1998 i 1999.), четири национални Куп титули (1994, 1998, 2000, 2001.) и пет Суперкуп титули (1993, 1994, 1996, 1998, 2001.). За националниот тим на Југославија одигра 38 натпревари и постигна три погодоци.
Тренерската кариера ја започна во португалскиот Туризенсе (2006-07), беше предводник на ФК Банат од Зрењанин (2008), како и во словенечка Драва од Птуј (2008).
Како селектор на фудбалската репрезентација на Србија за играчи до 19 години го освои златото на Европското првенство во Литванија 2013 година. Истата година му е доделена „Златната топка“ на Фудбалскиот сојуз на Србија во изборот за најдобар тренер. Во февруари 2014 година е именуван за в.д. селектор на А репрезентацијата на Србија. Националниот тим на Србија го предводеше на четири натпревари и оствари две победи (Република Ирска 2:1 и Јамајка 2:1), нерешен резултат (Панама 1:1) и пораз (Бразил 0:1).

Како Федерација веруваме во неговите квалитети и способности,  сметаме дека со својот карактер, професионализам и пред се успешно професионално тренерско искуство ќе ги подигне стандардите на работа и ќе биде селектор кој во соработка со стручниот штаб ќе го прави најдобриот избор на фудбалери. Сметаме дека Љубинко Друловиќ максимално сериозно ќе му пристапува на секој натпревар, ќе создаде компактен тим  каде поединците ќе бидат во функција на колективот и ќе имаме успех. Федерацијата со сите свои капацитети ќе го поддржи во неговата работа и ќе му обезбеди идеални услови за работа, а се со цел, успех во натпреварите кои ни следуваат.

Официјалната промоција на Љубинко Друловиќ за селектор на репрезентацијата на Македонија ќе се случи на 28. април 2015 година.




   
   
А репрезентација