Објавено на 08 Февруари, 2024 во Вести, Вести
Европската фудбалска федерација - УЕФА ја одржа ждрепката за новото издание на Лигата на нациите кое започнува во септември оваа година.
Репрезентацијата на Македонија своите ривали во Лига Ц ги очекуваше од третиот барабан. Репрезентацијата предводена од Благоја Милевски на извлекувањето во Париз се најде во група со Ерменија, Летонија и Фарски Острови.
Групи во Лигата на нации - Лига Ц:
Група 1: Шведска, Азербејџан, Словачка, Естонија
Група 2: Романија, Косово, Кипар, Литванија/Гибралтар
Група 3: Луксембург, Бугарија, Северна Ирска, Белорусија
Група 4: Ерменија, Фарски Острови, Македонија, Летонија
Со сите репрезентации Македонија има позитивен биланс. Фарски Острови е селекција против која не сме играле со оваа генерација фудбалери.
Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:
„Ако во претходните циклуси бевме во групи кои реално сакавме да ги избегнеме, овој пат тоа не е случај.
Во денешниот фудбал нема фаворити. Посакувам само да бидеме здрави.
Имаме минати дуели со сите селекции во групата, јасно е дека имаме и позитивни и лоши искуства со овие противници. Мораме да бидеме целосно фокусирани.
Да имаме прав пристап против секој противник.
Ерменија ја победивме на последниот меч на гости со 5:0, но да не заборавиме дека таму имаме и пораз од 4:0. Фарски Острови и Летонија влегуваат со свои пресметки и очекувања.
Секој противник носи различен пристап, но не бегаме од одговорноста и целта за нас е прво место во групата”.
Лигата на нациите стартува со натпреварите во септември, а продолжуваат со натпревари во октомври и ноември.