Куп на Македонија: Драгон и Кочани во женската финална пресметка за трофејот

Објавено на 20 Мај, 2015 во Вести

Екипите на Драгон 2014 и Кочани утре со почеток од 15.00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски" го играат финалето од фудбалскиот Куп на Македонија.

Спроти женската пресметка за трофејот од Купот на Македонија, тренерите на двата тима се надеваат на успех. Кочани е бранител на насловот од минатата година, а доколку во финалето победи тимот на Драгон ќе ја слави двојната круна сезонава.

Наша цел е да го одбраниме трофејот од минатата година. Лани успеавме да ја освоиме двојната круна, но сезонава два пати бевме поразени од екипата на Драгон во клучните натпревари од домашниот шампионат. Утрешниот натпревар за нас е „спас“ на сезоната. Свесни сме за значењето на пресметката, верувам во девојките, сметам дека имаме квалитет и се надевам дека тоа утре ќе го потврдиме и на теренот" - изјави Оливер Јовановски, тренер на женскиот клуб на Кочани.


Тренерот на Драгон, Дарко Костадиновски вели дека натпреварот ќе биде неизвесен, но неговиот тим е подготвен да ја потврди доминацијата сезонава.

-Иако два пати сезонава успеавме да го победиме тимот на Кочани, мислам дека овој натпревар ќе биде поинаков, нема да биде воопшто лесно. Го почитуваме противникот, имаат многу квалитетни играчи, но ние исто така сме подготвени за Куп предизвикот. Ќе влеземе максимално мотивирани да ја оствариме целта, а тоа е двојна титула за Драгон сезонава, изјави Дарко Костадиновски, тренер на Драгон.




   
   
А репрезентација