Куп финале,Работнички во поход на трет трофеј во низа, Шкендија по трета среќа

Објавено на 13 Мај, 2016 во Вести


Тимот на Работнички, актуелниот носител на Куп трофејот и тетовска Шкендија, на 16 мај (понеделник) во 20.00 часот на Националната арена „Филип Втори“ ќе се соочат во финалето од Купот на Македонија за сезоната 2015/16. За клубот од дебар маало, ова ќе биде историска можност, освојување на титулата трет пат по ред,додека од друга страна, екипата на Шкендија ќе  има прилика да го подигне прв пат трофејот од третиот обид. Од таборот на двете екипи очекуваат голема борба до последниот свиреж на судијата.

Тренерот на Работнички, Томислав Франц е полн со пофалби за своите фудбалери и се надева дека неговата екипа ќе успее да излезе како победник од ова финале.

„Нашата цел е јасна, ќе се обидеме да победиме во финалето и да го освоиме трофејот трет пат во низа, што би претставувало само по себе голем успех. Среќен сум и горд на моите фудбалери, кои одиграа одлична сезона, особено во домашниот куп и сосема заслужено стигнаа до финалето. На почетокот имавме мали потешкотии, со оглед на тоа што си заминаа неколку клучни фудбалери, но како што одминуваше времето игравме се подобро и подобро. Борче Маневски тренираше со екипата пред дуелот со Шкендија, но неговиот настап сеуште е неизвесен.",изјави Томислав Франц. 

Капитенот на Работнички,Милан Илиевски е голем оптимист пред финалето и се надева дека неговиот тим ќе биде тој што ќе го подигне пехарот.

„ Оваа сезона не беше ни малку лесна. Трето финале по ред за нас, по турбулентната сезна која ја имавме.Очекувам да се покажеме во едно позитивно светло, верувам во овој тим и се надевам дека ќе славиме во понеделник", изјави Милан Илиевски.

Предводникот на Шкендија, Бруно Акраповиќ се надева дека неговата екипа ќе одиграа добар натпревар во кој ќе ја запре серијата на противникот.

„ Се надевам дека ќе одиграме на едно високо ниво во текот на сите 90 минути и ќе ја израдуваме нашата публика која е најзаслужна за ова финале. Без нејзина подршка не би биле сега тука. Противникот е добро познат, ги знаеме нивните квалитети, и ќе се обидеме да ја прекинеме нивната серија. Ферхан Хасани се чувствува добро, и можно е да заигра во финалето", изјави Бруно Акраповиќ.

Најдобриот играч на Шкендија и капитен, Верхан Хасани се врати во натпреварувачки ритам,по тешката повреда и се надева на победа во финалето.

„ Тешкиот период е зад мене. Се чувствувам одлично,максимално сум сконцентриран на Шкендија и на финалето кое е пред нас. Имаме желба да го освоиме трофејот, кој би бил подарок за нашите навивачи кои не подржуваат цела сезона. Би било одлично доколку дома се вратиме со трофејот. Ова е историска можност за нас." изјави Ферхан Хасани.




   
   
А репрезентација