„Куќа на фудбалот“ секој понеделник на Канал 5 ТВ

Објавено на 22 Февруари, 2016 во Вести


За да ја приближиме возбудата од фудбалските терени ширум земјава до секој искрен љубител на македонскиот фудбал, ФФМ го реализира проектот наречен „Куќа на фудбалот“. 
-Македонскиот фудбал го следиме, читаме по весници, кликаме вести на портали, го разговараме, а тоа значи дека фудбалот во Македонија е актуелен и го сакаме. Суштината на емисијата ќе биде да се доближи македонскиот фудбал до публиката, да се дискутира за него, да се даде критика кога е потребно или пак, некој заслужен позитивен коментар.” – изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ. 
Македонија е земја која го сака фудбалот, Македонската нација е страсен коментатор, навивач и критичар, а фудбалските случувања се дел од нашето секојдневие. Сакаме да ги следиме случувањата и актуелните настани во фудбалот и да се радуваме на сите успеси кои ни ги приредуваат нашите фудбалски ѕвезди.
„Куќа на фудбалот“ е емисија која ќе биде посветена на македонскиот фудбал, а ќе се реализира во Фудбалската федерација на Македонија, во скај студио со поглед кон терените во комплексот „Куќа на фудбалот“. Концептот на емисијата ќе биде налик на европските интерактивни дебатни емисии за анализа на фудбалските натпревари по секое одиграно коло во македонската Прва лига и второлигашката конкуренција. Овозможено е он-лајн следење во живо на пет саботни натпревари од втората лига и пет неделни натпревари од првата лига преку посебната платформа на ФФМ: tv.ffm.com. 
Секој понеделник во рамки на емисијата во која ќе се прави преглед на колото, натпреварите ќе бидат анализирани, дебатирани и оценувани од стручен агол од страна на гости инволвирани во различни аспекти на фудбалската игра. 
-Ќе гостуваат фудбалски стручњаци кои се дел од фудбалот, сакаат да дискутираат, кои имаат одредена визија за развој на нашиот фудбал и кои се засегнати од сите случувања кои дирекно или индирекно влијаат врз резултатите и тоа не само во домашната лига, туку и на репрезентативно ниво. Подготвени сме, дури можам да кажам дека и посакуваме гости со кои ќе делиме и различни мислења и ставови за тоа што е најдоброто решение и насока на движење на фудбалот во Македонија и сите придружни елементи кои влијаат врз овој спорт, бидејќи само на тој начин сите заедно ќе придонесеме за унапредување и развој на македонскиот фудбал, додаде Андоновски. 
Во Македонија не постоеше емисија од ваков карактер и со ваков концепт каде што ќе се даде простор да се изнесе мислење за случувањата во спортот кај нас и поради тоа сигурни сме дека ќе има позитивен одзив и ќе биде позитивно оценета и прифатена од јавноста и од фудбалските експерти.

Првата емисија ќе биде емитувана денеска (понеделник, 22. февруари) премиерно на телевизија Канал 5 веднаш по вечерните вести, а прв гостин е претстедателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.






   
   
А репрезентација