Јетон Несими: Верувам во квалитетот на моите играчи

Објавено на 12 Април, 2016 во Вести, До 19 год

Репрезентација на Македонија до 18 години го одработи првиот тренинг во пресрет на двата контролни натпревари против селекцијата на Бугарија до 18 години.

Пријателските дуели ќе бидат одиграни на 12. април (вторник) со почеток во 16.00 часот и 14 април (четврток) со почеток од 11:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски".

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 18 години, Јетон Несими верува во квалитетот на своите фудбалери и очекува победа на дуелите со Бугарија.

- Тренингот го одработија фудбалерите кои настапуваат во домашниот шампионат. На средбите со Бугарија нема да сметаме на услугите на играчите кои настапуваат во странство. На првата контролна средба нема да можеме да сметаме на Елиф Елмаз и Милан Ристовски поради обврските што ги имаат во својот клуб Работнички кој игра во среда куп натпревар против Брегалница. Двајцата ќе се придружат на репрезентацијата по првата одиграна средба. Многу добро ги анализиравме дуелите со Финска, ги воочивме грешките кои не треба да ги повториме повеќе. Против Бугарија ќе одиграме подобро и поагресивно. Се надевам дека ќе издвојуваме победа и на двата меча. Верувам во квалитетот на моите фудбалери и убеден сум дека ќе се прикажат во добро светло - вели селекторот на Македонија до 18 години, Јетон Несими

Македонската репрезентација се подготвува за октомврискиот квалификациски циклус во Полска и веќе одигра два пријателски натпревари против селекцијата на Финска. На квалификациите за пласман во елитната фаза, Македонија е во група со Словачка, Северна Ирска и домаќинот Полска.




   
   
А репрезентација