Јани Атанасов и Дарко Чурлинов: Сите во функција на тимот за победа против Црна Гора

Објавено на 08 Октомври, 2019 во Вести


Македонската репрезентација до 21 година во Подгорица се подготвува за натпреварот против Црна Гора од квалификациите за Европското првенство 2021 година. По убедливиот триумф од 7:1 против Фарски Острови од отворањето на квалификацискиот циклус, нашата репрезентација се надева дека победничката низа ќе продолжи и по натпреварот на „ДГ“ арена во главниот град на Црна Гора. Дуелот со Црна Гора се игра на 10. октомври во 17:00 часот. 

Капитенот Јани Атанасов и напаѓачот Дарко Чурлинов велат дека овој дуел мора да се сфати максимално сериозно и целосно фокусирани на нашата игра.

- Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Најважно е што сите сме здрави, нема повредени и максимално сме посветени на тренинзите и исполнувањето на задачите од стручниот штаб. Би било идеално доколку со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го постигнеме. Треба да покажеме карактер и да го искористиме секој момент што како шанса ќе ни се укаже. Црна Гора е квалитетна репрезентација, доволно се познаваме, јасно ни е дека на домашен со ниту една селекција не е лесно, но ние имаме цел да победиме и се надевам дека тимски во тоа и ќе успееме, изјави Јани Атанасов.

- Напорно се подготвуваме за двата натпревари кои ни следуваат, а посебно за дуелот со Црна Гора кој не очекува в четврток. Противникот е квалитетен, но сметам дека не е посилен од македонската репрезентација. Треба да одиграме „машки“ и многу фокусирано на секој дел од теренот. Иако отворивме во квалификациите со убедлива победа, сепак, имавме некои грешки и на тој натпревар што против Црна Гора не смееме да ги повториме. Битно е да одиграме како тим и сите заеднички да придонесеме во играта за да успееме да запишеме три бода, изјави Дарко Чурлинов.

Денеска македонската репрезентација ќе тренира од 16:00 часот, а официјалниот тренинг е утре од 17:00 часот. 




   
   
А репрезентација