Објавено на 09 Април, 2020 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) праќа известување до сите фудбалски клубови во однос на уредбата од Владата на Република Северна Македонија за финансиска поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација за време на вонредна состојба.
Ве известуваме дека Агенцијата за млади и спорт бара сите потребни барања и изјави во оригинална форма, Фудбалската федерација на Македонија да ги достави до Агенција за млади и спорт.
Согласно уредбата, ФФМ ќе врши прием на документацијата започнувајќи од денеска, 09. април, заклучно со 15. април 2020 година. Документите ќе може да се доставуваат секој работен ден од 06.00 часот наутро до 14.00 часот.
Со уредбата (УРЕДБА СЛУЖБЕН ВЕСНИК.pdf) со законска сила се уредуваат условите, начинот и постапката за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за месеците - април и мај 2020 година.
- Спортисти за кои може да се поднесе барање се физички лица кои спортските активности ги вршат професионално, имаат склучено договор со спортски клуб и се впишани во регистерот на спортисти што настапуваат во системот на натпреварување што го води националната спортска федерација.
- Стручно лице во областа на спортот е тренер кој има завршено најмалку вишо образование во областа на спортот или стекнато лиценца добиена од соодветна меѓународна спортска асоцијација, како и стручно лице - лекар, психолог, нутриционист и друго стручно лице од областа на спортот кое има соодветно образование од односната професија и е впишано во регистерот на тренери и други стручни лица што ги води националната спортска федерација.
- Спортска администрација се физички лица кои се вработени како административни работници на неопределено или определено време или ангажирани со друг вид на договор во спортските клубови и националните спортски федерации.
Корисник на финансиска поддршка може да биде спортист, стручно лице од областа на спортот и спортска администрација, како што е погоре дефинирано, кое е:
- државјанин на Република Северна Македонија;
- вработено на неопределно или определено време или ангажирано со договор на дело, авторски договор или друг договор со кој лицето е повремено или привремено ангажирано за извршување на работа (во натамошниот текст: договор за работа) во спортски клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт, во натпреварувачката 2019/2020 година, од 1. септември 2019 година;
- за месец декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година, не остварило нето плата и/или надоместок врз основа на договор за работа во спортски клубови и национални спортски федерации повисок од 39.900 денари за секој месец одделно, согласно склучените договори и извршените исплати за истиот период и не е вработено или ангажиран со договор за работа во друг правен субјект во месец април и мај 2020 го-дина според евиденцијата на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
Согласно уредбата фудбалските клубови и националните спортски федерации треба да поднесат барање за исплата на финансиска поддршка за спортисти, стручни лица и спортска администрација за време на траењето на вонредната состојба (БАРАЊЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА.pdf )
Во прилог на барањето се доставуваат се доставуваат следните документи:
1. СПОРТИСТИ:
- Изјава од спортистот (ИЗЈАВА.pdf )
- Договор за работа
- Доказ за исплатени средства по договор согласно уредбата од септември 2019. до февруари 2020.
- Потврда од национална спортска федерација со која се потврдува дека спортистот е впишан во регистерот на спортисти што учестувават во системот на натпревари (по прием на документите, ФФМ ќе ја изготвува потврдата и заедно со примената документација ќе ја достави до АМС)
2. СТРУЧНИ ЛИЦА
а.) ТРЕНЕРИ
- Изјава од тренерот (ИЗЈАВА.pdf )
- Договор за работа
- Доказ за исплатени средства по догвор согласно уредбата од септември 2019. до февруари 2020.
- Доказ за стручно образование или лиценца од соодветна меѓународна спортска организација
б.) СТРУЧНИ ЛИЦА (ЛЕКАРИ, ПСИХОЛОЗИ, НУРТИЦИОНИСТИ И ДР.)
- Изјава од лекари, психолози, хутриционисти и др (ИЗЈАВА.pdf )
- Доказ за исплатени средства по договор согласно уредбата од септември 2019. до февруари 2020.
- Доказ за соодветно образование од односната професија и се впишани во регистарот на стручни лица што ги води националната спортска федерација
3. СПОРТСКА АДМИНИСТРАЦИЈА
- Изјава од административец вработен / ангажиран со договор во национална спортска асоцијација или клуб (ИЗЈАВА.pdf )
- Договор за работа
- М1 и М2 обрасци
- Доказ за исплатени средства по договор согласно уредбата од септември 2019. до крајот на февруари
Потврдата за спортистите впишани во регистарот на спортисти, како и потврдата за тренерите впишани во регистарот на тренери ќе ја изготвува ФФМ и заедно со примените документи ќе ја доставува до АМС.
Во продолжение преземете
ја кoмплетната уредба и сите потребни барања и изјави објавени
од Агенцијата за млади и спорт:
БАРАЊЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА.pdf
БАРАЊЕ И ИЗЈАВА ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ 2020.docx
Упатство за користење на Уредбата за финансиска поддршка.pdf
Допис до сите Национални спортски федерации.pdf