Објавено на 24 Јануари, 2014 во Футсал до 21 год
Релативно млад ја започнавте тренерската кариера, имате 30 години, сеуште сте активен играч и многу важен за македонската футсал репрезентација. Сметате ли дека одлуката да бидете предводник на селекцијата до 21 година е вистинска во овој момент?
Повеќе од една деценија играм во клубови во Македонија, Романија, Србија и Либан. Наградите и признанијата даваат потврда за моите достигнувања во кариерата како играч. Четири години бев прогласуван за играч на годината во Македонија, во европските купови бев меѓу најдобрите стрелци. На клупско ниво имам освоено шест титули првак на Македонија, титула првак во првенството во Србија, балкански шампион и освоен бронзен медал во Лигата на шампионите со правакот на Либан. За националната репрезентација имам одиграно 89 натпревари, постигнати 34 гола. Овие достигнувања значат дека имам акумулирано доловно искуство кое ќе се обидам да го пренесам во улогата на тренер. Релативно млад ја започнав тренерската кариера, но сметам дека можам да помогнам во развојот на футсалот во Македонија. Дали одлуката да ја добијам довербата од Фудбалската федерација е добра, ќе покаже времето и резултатите. Јас ќе се однесувам и ќе работам на начин кои мене ми го пренеле тренерите. Да се обидам да победувам. Гледам позитивно, се надевам на добар почеток.
Прифаќањето на новата улога значи дека верувате во футсал потенцијалот во Македонија, но реално, дали имаме квалитет за две национални футсал репрезентации?
Селекцијата до 21 година е обновена пред една година, млада футсал репрезентација на Македонија постоеше и одигра еден квалификациски циклус во 2008 година, но за жал не успеавме да се одржиме, ниту во однос на логистигата која требаше да ја добиеме, ниту во однос на довербата да се има во системот на федерацијата млада футсал селекција. Во моментот сеуште немаме доволно добар потенцијал за селекција до 21 година, бројот на млади футсал играчи не е голем, но ФФМ воведе правилник и секоја екипа во составот мора да има барем двајца играчи до 21 година. Тоа е позитивно и добра база, се надевам дека со план и стратегија за футсал школи ќе почнеме да создаваме нови млади играчи.
На кои начин ќе биде направено селектирањето на играчите, врз основа на кои критериуми?
Почетното селектирање ќе биде направено врз основа на моето познавање на сите играчи во нашата Прва и Втора футсал лига и по консултација со новиот стручен штаб. Ќе бидат повикани меѓу 25 и 30 играчи кои ќе одиграат тест натпревари. Тоа е начинот да се селектираат играчите на кои ќе сметаме во наредниот период. Пријателскиот натпревар со Романија на 20 февруари ќе ни ја даде првата слика за изборот и за потенцијалот со кои располагаме.
Искуството од минатото можеби ве прави скептичен, но очекувате ли да ја добиете потребната доверба, поддршка и логистика од Фудбалската федерација?
Во однос на начинот на кои федерацијата се условно, грижи за футсалот, посебно во однос на младата репрезентација допрва ќе треба да се докажуваме. Јас како предводник на селекцијата до 21 година, ФФМ во однос на организацијата, помошта и логистиката која ја добиваме. Повторно ја формираме младата репрезентација, а тоа е добар почеток.
Вие сте многу важен дел од А репрезентацијата, селекторот на најдобриот национален тим, Скендеровски смета дека Македонија може да ги одигра најдобрите квалификации за пласман на едно големо натпреварување. Колку играчите веруваат во тоа?
Наша голема желба е да избориме пласман на големо натпреварување. Оваа генерација во минатото беше близу до голем подвиг, но немавме „завршен удар“. Се надевам дека ќе помогнам нашиот најдобар национален тим да има добри квалификации, но за мене е многу поважно да создадеме нов млад играч. Младата селекција ќе биде прв сервис за А репрезентацијата, ќе ја зголемиме конкуренцијата, а со тоа и квалитетот. Следниот квалификациски циклус на А репрезентацијата е многу важен, се надевам дека заеднички ќе го сфатиме тоа и ќе се бориме за победи. Ако не верувавме во големи цели, немаше да бидеме на ова место.
Колку е важен едукативниот процес кои федерацијата ви го овозможува, ви дава шанса да напредувате и да го подигнете нивото на футсалот во Македонија?
Едукативниот процес е битна работа за секој од нас, некогаш и сами треба да се избориме за проекти и активности кои можат да ни помогнат. ФФМ прифаќа проекти кои можат да го кренат нивото на спортот, а тоа ни ја зголемува самодовербата и желбата да се дадеме целосно, да не се откажуваме од работата која не прави среќни и задоволни. На крајот од февруари во Милано ќе се одржи семинар на УЕФА за футсал тренери, ќе имаме можност да се надоградуваме и да го пренесеме искуството на тренерите во Македонија. Почетокот е добар, се надевам дека поддршката нема да изостане.
Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија во новогодишно интервју одговара на новинарски прашања од медиумите...
Седница на Управен одбор на Фудбалска федерација на Македонија....