Интервју со в.д. председателот на ФФМ, Мухамед Сејдини

Објавено на 14 Ноември, 2018 во Вести

Инвестицијата во фудбалски игралишта е добра инвестиција. Ќе продолжиме со различни активности за развој на фудбалот. Мухамед Сејдини - в.д. претседател на ФФМ

Важите за долгогодишен фудбалски работник кој одлично ги познава состојбите во македонскиот фудбал. Човек кој долго време е во Фудбалската федерација на Македонија и кој одлично ги познава внатрешните структури и односи, поради што и сосема природно беше да ја вршите функцијата в.д. председател на ФФМ. Работите функционираат одлично, постои координација, тимска работа. На што се должи тоа?

Вистинскиот одговор на прашањето веројатно е единството кое не краси и големото почитување кое го искажуваме кон целото фудбалско семејство во нашата држава. Силна федерација значи грижа и соработка за развој на фудбалот со сите, од мали до големи Општински фудбалски Сојузи, од клубовите во Првата лига до екипите во пониските натпреварувачки категории, од Детската лига преку младинските селекции и најдобрата репрезентација на Македонија.

Како човек од фудбалот, отсекогаш, а не само во последниот период откога ја извршувам функцијата в.д. претседател на Фудбалската федерација на Македонија, сметам дека тоа што треба да не симболизира е отвореноста за разговор со сите. Нашиот фудбал ќе се развива само ако секој поеднинец го дава својот придонес и се грижи да обезбеди подобри услови за работа. За тоа се залагам и сега, иако исклучително важна е соработката и поддршката од сите институции, па дури и државната потпора, а посебно соработката и поддршката од локалните средини. За било која федерација секое поинакво сфаќање на работите би било премногу погрешно.

Кои се следните активности на федерацијата?

Ќе продолжиме да се бориме и за подобра инфраструктура, и за квалитетно и сериозно финансирање на фудбалот и против сите непосакувани облици на однесување во фудбалот. Јас сум сигурен дека бројни организации би сакале да бидат во позиција на ФФМ, но за тој статус сами се изборивме, повторно благодарение на целото фудбалско семејство и нашата поддршка и пријателските односи со најголемите афторитети во УЕФА и ФИФА.

Доколку сакаме успеси, мора да постои единство, токму како во фудбалска екипа. Тоа го посакувам и сега, да работиме заеднички за напредок на македонскиот фудбал и за развој на клубовите.

ФФМ е многу повеќе од А репрезентација, што се координирате во рамките на оваа наша најголема спортска федерација?

Имаме одговорност и можност, но и привилегија да управуваме со фудбалот во Македонија од сите негови аспекти. Но, за нас веројатно најбитен елемент е да ја подобриме фудбалската инфраструктура во нашата држава, да го продолжиме континуитетот на добра работа во младинските категории и академијата на ФФМ, а би биле исклучително среќни доколку А репрезентацијата обезбеди место на големо натпреварување.

Како фудбалско тело ние помагаме речиси во сите средини во Македонија, финансираме или сме дел од сите поголеми фудбалски проекти, но прашањето за инфраструктура не треба целосно да биде упатено кон нас, ФФМ не е градежна фирма, добиваме дел од средствата од УЕФА и ФИФА, но вложуваме и свои средства во фудбалската инфраструктура.

Апсолутно во тој дел е потребна поголема поддршка и помош од општините. Мора да разбереме дека инвестицијата во фудбалски игралишта е добра инвестиција. За мене, или за ФФМ е значајно низ нашата држава од Гевгелија и Струмица, Штип и Кочани преку Битола и Охрид, Кичево и Гостивар, до Тетово и Скопје да има стотици терени, природни или со вештачка трева и рефлектори бидејќи само на тој начин ќе имаме можност да играме важна улога во квалификациите, сеедно дали се во рамки на младински или сениорски репрезентации.

Имаме фудбалски тим за респект. Одличени поединци и добра синергија меѓу нив. Конечно се укажува и шанса за учество на големо натпреварување. Следат последните квалификациските натпревари од УЕФА Лигата на нации, кои се вашите очекувања?

Ние сме горди на нашите фудбалери и стручниот штаб во А репрезентацијата. Немаме замерки, први сме во групата, имаме одлични фудбалери и сами одлучуваме за себе. Сигурен сум дека ќе успееме да го потврдиме првото место. Но, сакам да им порачам и на фудбалерите и на навивачите да останеме скромни и смирени. Да одиме од натпревар во натпревар. Посакувам да ја задржиме позитивната енергија и да бидеме уште подобри.

На последните два натпревари, дома публиката се  врати на трибините. Имавме не толку атрактивни противници, а публика над 10.000 гледачи. Што посакувате на следниот натпревар?

Исто така силна поддршка, и голем број на публика од сите генерации. Посакувам победа, фер навивање и секако фудбалот сите да не обедини. Да ја надминеме омразата, поделеноста, национализмот. Фудбалот е спорт кој носи радост, и така нека биде во иднина.



   
   
А репрезентација