Интервју со Ниметула Даути - капитенот на тимот кој ќе биде наш претставник на eEURO2020

Објавено на 15 Јануари, 2020 во Вести

Не ги познавам противниците, но со сигурност знам дека ние сме одлични!

Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА) за прв пат годинава организира натпреварување на националните фудбалски репрезентации во е-фудбал. Завршнот турнир на еEURO ќе биде одржан во Лондон во јули 2020-та година.

Фудбалските репрезентации од сите членки на УЕФА ќе учествуваат во извлекување за квалификациска група. Секоја е - фудбалска репрезентација ќе одигра по два натпревари против секоја од останатите репрезентации во групата. Квалификациите ќе се одржат во март 2020-та година.

Во среда, на 15 јануари, со почеток во 19:45 часот, во студиото ЕСЛ во Лестер ќе се одржи ждрепката меѓу националните тимови кои се квалификуваа за овој турнир. Заинтересираните, преносот ќе можат да го проследат на официјалната страна на УЕФА и на линк преку фејсбук страната на ФФМ и УЕФА.

eEURO 2020 на УЕФА ќе се игра ексклузивно врз платформата KONAMI eFootball PES 2020, чии содржини ќе бидат базирани на Европското првенство 2020-та година.

Главната цел на претставниците на секоја држава ќе биде да се изборат за пласман на финалниот турнир во Лондон на кој ќе учествуваат 16 репрезентации.

Ниметула Даути и Јакуп Максути се натпреварувачите кои ќе ја претставуваат Македонија на eEURO 2020. По тој повод, направивме интервју со Ниметула Даути кој ќе биде капитен на тимот и кој со многу возбуда и среќа ни го раскажа ова доживување.

Инаку во моментов, Ниметула котира на 7-мото место на PES европската листа со екипата на Арсенал.  

ФФМ: Колку време играш PES и како дозна за eEURO 2020 турнирот што го организира УЕФА?

Н: Играм PES од 2003-та година. Уште како дете, кога сите сакаа да играат надвор, јас играв на Sony или на компјутер. За овој натпревар дознав додека играв преку реклама во самата игра.

ФФМ: Дали секој ден играш и колку време во денот посветуваш на ПЕС?

Н: Да, играм секој ден и тоа минимум по 2 часа на ден и освен фудбал не играм ни една друга игрица. Сакам да истакнам дека во квалификациите за Македонија што се играа во ноември, се паднав да играм против Јакуп, со кој сега ќе играме заедно. Тој ме победи тогаш, но бидејќи јас ги победив сите други што изгубија од него, се пласирав и јас.

ФФМ: Дали и во вистинскиот живот си толку добар во фудбал како на ПЕС?

Н: Како што споменав, уште од дете го сакам фудбалот, но само како стратегија и тимска игра. Поради тоа, јас сум лиценциран фудбалски судија во 3-та лига север.

ФФМ: Какви се вашите очекувања за натпреварите eEURO 2020?

Н: Со оглед на тоа што Јакуп го познавам и со него играм заедно од 2012-та година, скоро сум сигурен дека ќе се квалификуваме понатаму. Ги познавам само играчите на Албанија и Косово и знам дека ние сме подобри од нив. За другите репрезентации немам информации дали и колку се добри, но штом успеале да се пласираат очекувам дека знаат да играат.

Официјалните дресови на ФФМ со кои двајцата претставници на македонската е-репрезентација ќе не претставуваат во квалификациите им ги предаде Генералниот Секретар на ФФМ, г-н Филип Поповски, кој им посака топло добредојде во македонското фудбалско семејство и воедно им посака среќа со ждребката и на самите квалификациски натпревари.



   
   
А репрезентација