Интервју со Енис Барди: Ова е нашата шанса

Објавено на 09 Септември, 2018 во Вести, Вести


Енис Барди, фудбалерот за врска на шпански Леванте и „кралот“ на слободните удари во Ла Лига, секако дека е еден од нашите најголеми адути. Македонија во свите редови го има Барди кој треба само да ги повтори игрите од Ла Лига и секако од репрезентацијата на Македонија до 21 година со која играше и на Европското првенство. За тоа што може да се очекува од Лигата на Нации, Барди посочи:

-Лигата на Нации ни овозможува шанса да направиме успех со А репрезентацијата на Македонија и да се обидеме да се пласираме на Европско првенство. Тоа е резултат за кој сите ние сонуваме и пласман кој досега не сме го направиле со најдобриот состав.  Реално, имаме противници кои се послаби од нашата репрезентација, но во модерниот фудбал тоа не значи многу. Мораме да бидеме паметни, концентрирани во секоја минута од секој натпревар и да не води само една цел, а тоа е пласманот на Европското првенство. Веруваме во себе, верувам во моите и квалитетите на соиграчите во тимот и ќе дадеме се од себе да го освоиме првото место во групата и да се пласираме во следната фаза од Лига на Нации.

Секогаш кога се игра за својата репрезентација притисокот е посебен?

-Кај нас во тимот има позитивен притисок. Имаме одлични натпревари зад себе, не само репрезентативни, туку и на клупско ниво. Знаеме што можеме, веруваме во успех. Мислам дека тоа е начинот на кој треба да продолжиме. Во добра форма сме и се надевам дека само ќе го надградуваме тоа.

Горан Пандев е тука, и тој ќе помогне во Лигата на Нации?

-Горан Пандев е „главата“ на репрезентацијата, не само во фудбалска, туку и во човечка смисла. Гоче секогаш е тука кога ни треба помош, поддршка, совет. Неговото искуство е непроценливо за тимот. Се е поинаку кога во составот имате профил на фудбалер и личност како Пандев. Знае како да не мотивира, да ни биде поддршка, па и да се нашали. Се во функција на тимот и на добрата атмосфера. Се надевам дека со успех заеднички ќе ја крунисаме и неговата репрезентативна кариера.

Сите велат дека оваа шанса треба да се зграпчи?

-Многу позитивно за нас е тоа што играме стандардно во своите клубови, физички сме подготвени, но за мене најважно е тоа што играме паметно и сите мисли ни се насочени да стигнеме до победа. Чувството кога со Македонија до 21 година се пласиравме на Европското првенство во Полска за мене е најдоброто во досегашната кариера. Но, фудбалот секогаш бара повеќе. Тоа веројатно и со текот на времето и со нашата работа не прави позрели и на некој начин подобри фудбалери. Ова е нов момент, нова шанса и треба да ја зграбиме. Одиме од натпревар во натпрева, мудро и силно.

Секако дека годи споредбата со Лионел Меси?

-Шпанската Ла Лига направи видео со моите и головите на Меси од слободен удар како еден вид најава за новата сезона. Навистина кога ги гледам тие снимки во кои ја посочуваат разликата меѓу мене и Меси ми дава само повеќе мотивација, влијае да бидам уште подобар. Но, исто така, на сите ни покажува дека со работа доаѓаат и резултатите. Ни покажува дека соништата можат да станат реалност. Трудот се исплаќа кога вистински сонувате и давате се од себе тоа и да се оствари. Тогаш и Бог ни помага.

Имаш многу понуди, многу клубови го сакаат Енис Барди?

-Имав многу понуди, но останувам во Леванте. Играм во една од најдобрите светски лиги, во клуб кој искрено ме сака и ова е мојата шанса за дополнителен напредок. Веројатно уште една, можеби две години ќе ги бранам боите на Леванте.




   
   
А репрезентација