Илија Најдоски: Верба и борба! Од почеток до крај

Објавено на 31 Октомври, 2014 во Вести, Вести


Илија Најдоски, великанот на македонскиот фудбал, поранешниот репрезентативец на Македонија, освојувачот на трофеите европски и светски клупски првак со белградска Црвена звезда и фудбалер на Вардар зборува за функцијата технички менаџер во А репрезентацијата, за атмосферата во националниот состав и за очекувањата пред дуелот со Словачка на 15. ноември на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

- Фудбалот е предизвикот на мојот живот. Функцијата технички менаџер во А репрезентацијата ја прифатив затоа што сакам да помогнам, да пренесам искуство, да им помогнам на младите играчи да добијат самодоверба, да бидам врска меѓу стручниот штаб, играчите и федерацијата. Една од клучните цели во мојот фудбалски живот е да не се задоволувам со споредна улога, секогаш да барам нов предизвик и нови достигнувања. Голем предизвик е пласман на големо натпреварување или обезбедување бараж за пласман на Европско или Светско првенство. Фудбалот е тешка работа, не може да се постигне успех преку ноќ, но мораме да се стремиме кон големите работи и за мене сега тоа е важната цел, да помогнам заеднички да ги оствариме целите за кои и ние и јавноста сонуваме. Да го земеме примерот на Белгија, репрезентација која во минатото имала големи успеси, а цели три циклуси не успеваше да обезбеди место на Европско или Светско првенство, но беа трпеливи, создаваа генерација која може да игра на врвно ниво, а сега ги добиваат и посакуваните резултати.

За атмосферата во тимот, Најдоски вели дека е на високо ниво, се сведува на вистинската причина зошто повиканите играчи се во тимот, а тоа е да бидат во функција на фудбалот и дресот со државниот грб.

-Атмосферата во репрезентацијата е одлична, градиме професионален однос со играчите, постои меѓусебна почит, а тоа за мене е исклучително важно. Не забораваме зошто сме во репрезентацијата, размислуваме исклучиво фудбалски и сметам дека единствено тоа е исправно. Во изминатиот период гледам дека и играчите на вистински начин го сфаќаат повикот во репрезентацијата, деновите минати пред натпреварите ги користат фудбалски да се надоградуваат, да бидат во функција на селекторот и стручниот штаб и најчесно се обидуваат, најпрвин да се наметнат во првиот тим, а потоа и да одиграат најдобро на натпреварите.

Најважни сме ние, младите играчи треба да го почитуваат секој противник, но најмногу себе си, порачува нашата фудбалска легенда пред дуелот со Словачка.

-Словачка докажа дека е многу квалитетна репрезентација, победија на првите три натпревари и сега се најдобра позиција во групата. Но, јас сметам дека многу поважни сме ние, нашиот тим и начинот на кој ние ќе одиграме. Ќе биде тежок натпревар, но мораме да имаме верба во себе, без страв да истрчаме на терен и најкоректно да ги исполниме задачите кои се бараат од сите нас. Доколку публиката не поддржи и добие чувство дека играчите го даваат најдоброто од себе, како на натпреварот во Украина, мислам дека нема што да загубиме, напротив. Мораме да размислуваме позитивно и да се бориме од почеток до крај.

За генeрацијата на Македонија во која заедно со Најдоски беа Панчев, браќата Ѓуровски, Бошковски, Савевски, Стојковски...вели дека многу веројатно ќе постигнела голем резултат доколку биле во најдобрите фудбалски години, Најдоски вели бевме на залезот на кариерите.

-Нашата генерација беше силна, но ние бевме во зрели фудбалски години, речиси на залезот на кариерите и тоа веројатно беше причина за резултатите во циклусот квалификации. На пример, Хрватска во годината кога се одвои од поранешната држава во фудбалската репрезентација имаше фудбалери кои беа помлади од нас, Шукер, Јарни, Билиќ, Бобан, Влаовиќ имаа енергија да играат на високо ниво во годините кои следуваа и тоа ги носеше до големи резултати на Светското првенство во Франција и на Европското во Англија. Можеби можевме да постигнеме подобри резултати со репрезентацијата, но такви беа околностите, не бевме во најдобрите фудбалски години. 




   
   
А репрезентација