Објавено на 01 Август, 2017 во Вести, UEFA Super Cup
Остануваат неколку дена до најголемиот фудбалски настан во историјата на нашиот регион. Сите вистински љубители на фудбалот се во исчекување на 8. август, денот кога ќе се спротивстават едни од најдобрите европски тимови во историјата на фудбалот воопшто, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Скопје, Македонија дефинитивно овие денови ќе бидат центарот на спортската и целокупната светска јавност. Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски вели дека очекува фудбалски спектакл кој долго ќе се прераскажува, фер и отворена фудбалска игра и пред сѐ многу голови.
„Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија навистина сум горд што успеавме во спроведувањето на активностите за организација на УЕФА Супер Купот– Скопје 2017. Напорно работевме изминативе две години и сметам дека заедно со останатите вклучени во организацијата, Градот Скопје и Владата на Р. Македонија успешно го комплетиравме овој проект, чија што реализација останува. Особено ми е драго што токму Фудбалската федерација на Македонија со добиената доверба од УЕФА за организација на Супер Куп натпреварот стана еден од најголемите амбасадори на нашата земја, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на позитивни вредности во нашето општество.Финалето во Скопје е настан кој ќе биде голем дополнителен импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот. Иднината е во младите фудбалски таленти. Како за потсетување над пет илјади дечиња од седум различни региони на Македонија се дел од детската лига во организација на ФФМ. Како Федерација со сите сили и средства ќе се трудите и понатаму што повеќе деца да се приврзат со спортот и фудбалот“, вели Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување. УЕФА Супер Куп натпреварот од Националната „Филип Втори“ арена во Скопје ќе се пренесува во живо во 216 земји (49 во Европа и 167 низ светот), а над 280 ТВ станици ќе го пренесуваат пред ТВ аудиториум од неколку милијарди луѓе. Илчо Ѓорѓиоски заедно со председателот на УЕФА, Александар Чеферин ќе го доделат пехарот на победниците.