Илчо Ѓорѓиоски на форумот на тренери: „Секој сегмент на вложувања има своја цена, но таа не мора секогаш да биде финансиска, туку може да биде и вложување во знаење“

Објавено на 21 Февруари, 2018 во Вести, Семинари


Центарот за едукација на тренери и Тренерската организација при Фудбалската федеација на Македонија во хотел „Александар Палас“ беа организатори на годишниот „форум на тренери“ на кој беа претставени презентации од интернационални и домашни стручни фудбалски лица. На форумот присуствуваа близу 300 наши тренери, а свои презентации имаа Небојша Марковски, директор на Центар за Едукација на ФФМ, Игор Ангеловски, селектор на македонската „А“ репрезентација, Благоја Милевски, селектор на Македонија до 21 година, Зоран Стратев, технички директор на ФФМ и Ватрослав Михачиќ, УЕФА инструктор за имплементација на програма за школување на тренери за голмани и директор на Академијата за едукација на тренери на Хрватскиот фудбалски Сојуз.

Свое воведно обраќање на форумот на тренери имаше претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски кои меѓу другото истакна.

- Развојните програми се една од главните цели на новите програми на УЕФА, а во Фудбалската федерација на Македонија во изминатите години доминира грижата за младите. Со постигнатите резултати во младинските категории можеме да констатираме дека македонскиот фудбал ја сочува својата продуктивност. Тренерите завршија одлична работа која е од корист за нашиот фудбал и македонскиот спорт, но и во иднина мораме да работиме на подигнување на активностите на уште поголемо ниво. Фудбалот еволуираше на многу сериозен начин, многу фудбалски земји веќе направија своја унифицирана програма за работа, мене ми е исклучително важно што и нашата федерација го следи модерниот тренд, програмата на Центарот за едукација на ФФМ исто така има своја специфичност и тоа треба да го почитуваме. Единствен рецепт за успех не постои, но примената на програмата на Едукативниот центар сигурно може да ве направи подобри и поквалитетни. Фудбалот и понатаму ќе се развива, веројатно со се помала разлика меѓу играчите, а ние и понатаму ќе продолжиме да го истражуваме. Иако секој сегмент на вложувања и унапредување има своја цена, таа не мора секогаш да биде финансиска, туку може да биде и вложување во знаење. Овој форум е токму тоа. Тренерите и стручната фела да добијат нова или потврда на веќе познатото знаење. Како федерација ќе работиме на подобра комуникација и во иднина и се надевам дека ќе го подигнеме нивото уште повеќе, рече Илчо Ѓорѓиоски пред присутните тренери напоменувајќи дека тренерите и стручните луѓе се  еден од главните темели на фудбалот во Македонија.

Директорот на Центарот за едукација при ФФМ, Небојша Марковски истакна дека целите за минатата година се остварени.

-Во 2017 година ги остваривме сите предвидени планови и програма со активностите.  Реализиравме по еден курс за добивање на УЕФА А и Б дипломи, го организирваме веќе четвртиот семинар за добивање на Национална Ц Лиценца, организиравме три советувања/семинари за родители чии деца се вклучени во академиите на ФФМ и договривме продолжување на едукацијата на тренери на голмани за добивање на УЕФА А диплома. Од тие причини и нашиот специјален гостин/предевач Ватрослав Михачиќ е на нашиот форум,  кој во исто време е директор на Академијата на ХНС и член на работната група на УЕФА за имплементација на програмата за школување на тренери на голмани, истакна Марковски.

Марио Ѓурчиновски, координатор за едукација на тренери во ФФМ ја истакна важноста од организацијата на ваков вид на едукативни форуми, напоменувајќи дека главната цел е да се доближат светските трендови до нашите тренери.

-Мисијата и задачата на Центарот за Едукација е да овозможи, организира и спроведе едукација на тренери кандидати, се разбира кои ќе ги исполнат претходнои поставените услови, за соодветни нивоа на УЕФА диплома. Но, во исто време запазувајќи ги трендовите и тековите на тренерската работа, тренирањето и фудбалот воопшто. Организацијата на овој Форум има за цел да ги доближиме овие трендови до тренерите, но и да ги собере сите на едно место со цел подобрување на нивната соработка, комуникација и меѓусебен однос, истакна Ѓурчиновски.




   
   
А репрезентација