Објавено на 11 Април, 2018 во Вести
Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски во следните десетина дена ќе биде во работна посета на Северна Америка и Мароко како дел од Комисијата на ФИФА за утврдување на условите кои го нудат државите кои се кандидираат за домаќини на Светскиот Куп во 2026 година.
Заедно со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кој е претставник на организацискиот комитет за натпреварување, во комисијата на ФИФА членуваат и хрватскиот великан Звонимир Бобан, потоа Марко Вилигер, Томаш Весел и Мукул Мудгал. Дел од работната група се и претставници од земјите кандидати и ФИФА администрација.
За организација на Светскиот Куп во 2026 година до ФИФА стигнаа две официјални кандидатури, едната заедничка на САД, Канада и на Мексико и втората самостојна на Мароко.
-Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија исклучително ми е драго што и Македонија и нашата федерација се важен дел од системот на ФИФА, институција во која успешно се применува начелото на солидарност и во која истите правила важат и за големите и за малите. Имам исклучителна чест, но и обврска заедно со колегите од организацискиот комитет за натпреварување на ФИФА да им ја отвориме вратата на партнерите и да се запознаеме со условите кои ги нудат земјите кои се кандидираат за домаќини на СП 2026 година. Фудбалот е игра за сите, било каде во светот, а примарна цел на ФИФА е да го промовира неговиот развој. Фудбалот е заеднички јазик во земјите кои во наредните десетина дена ќе ги посетиме, а преку дијалог ќе се соочуваме со предизвиците. Страста за фудбалот не е нималку спорна ниту во Северна Америка, ниту во Мароко, темелите за добра соработка веќе се поставени, а желбата на домашните федерации со ФИФА е да продолжи размената на знаења, искуства и барање решенија за различни предизвици, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Според предвидената програма најпрвин ќе се посети Мексико Сити, по што ќе следуваат и инспекции во Атланта, Торонто, Њујорк и Њу Џерси. На 16. април членовите од телото на ФИФА ќе замине за Мароко, каде ќе ги посетат Маракеш, Агадир, Тангиер и Казабланка.
По извештајот за евалуација на двете кандидатури што ќе го подготви оваа комисија, конечната одлука околу домаќинот на СП 2026 ќе биде донесена на Конгресот на ФИФА што ќе се одржи на 13. јуни во Москва.