Илчо Ѓорѓиоски - Ја исполнивме амбицијата да направиме уште еден чекор напред и да го дадеме својот придонес за европскиот фудбал

Објавено на 01 Јули, 2015 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија одржа прес конференција по повод довербата која ја доби од страна на УЕФА за организација на ексклузивниот натпревар од Европскиот Суперкуп во 2017 година.

„ Воодушевени сме од патот по кој се движи УЕФА под водство на Мишел Платини бидејќи во сите одлуки чувтсвуваме љубов за фудбалот и почит кон сите нации, независно од нивната големина и финансиска влијателност. За македонскиот фудбал е голема чест што ќе има централна, историска улога во градењето на надворешниот имиџ на нашата земја, но тоа исто така е обврска и голема одговорност. Со добиената доверба да бидеме домаќини на еден од најголемите светски фудбалски настани ја исполнивме амбицијата да направиме уште еден чекор напред и да го дадеме својот придонес за европскиот фудбал. Тоа е тренд кој одговара на модерните времиња, а ние безусловно го следиме." -  изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.

„ Денеска ние сите сме горди како Македонци, особено  кога ја слушнавме информацијата дека Македонија ќе биде организатор на Европскиот Супер Куп. Можам да потврдам со сигурност дека Македонија ќе биде одличен домаќин на овој голем натпревар. Ќе ја промовираме Македонија во најдобро светло. Ќе продолжиме и понатаму со подобрување на квалитетот на нашата национална арена. Времето е кратко, но ние ќе го искористиме на најдобар можен начин за да се претставиме како добри домаќини." - изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

„Пред се сакам да упатам честитки до Фудбалската федерација на Македонија и до претседателот Илчо Ѓорѓиоски кој бескрајно се залагаше и се бореше за овој проект. Оваа е голем ден за сите нас. Во координација со Фудбалската федерација и до сега беа преземени активности околу нашата национална арена за подобрување на квалитетот и капацитетот на стадионот. Ќе продолжиме и понатаму заедно со претседателот на ФФМ, Владата на Р.М да се залагаме за подобрувањето на инфраструктурата на нашиот најголем стадион. Ќе бидат преземени сите неоходни мерки се со цел да се претсавиме како добри домаќини на Суперкупот во 2017." - изјави директорот на ЈПССДП, Цветко Грозданов.




   
   
А репрезентација