Хуманитарен натпревар во Велес, великаните на македонскиот фудбал за помош на лицата со церебрална парализа

Објавено на 04 Октомври, 2014 во Вести

Ветераните на фудбалскиот клуб „Борец“ и на македонската фудбалска репрезентација на стадионот во Велес одиграа хуманитарен натпревар, а собраните сретства беа наменети за граѓанското здружение на лица болни од церебрална парализа.

Поранешните истакнати фудбалери на „Борец“, Илчо Боров, Драги Костадиновски,Марјан Нацев, Баже Нацев, Тале Шопов, Леон Кодовски, Столе Штериов, Панче Ќумбев, Перо Ранготов на реновираниот терен во Велес истрчаа во натпревар против поранешните репрезентативци Илија Најдовски, Бошко Ѓуровски, Митко Стојковски, Горан Ставревски, Светозар Станковски, Вујадин Станојковиќ, Бошко Ѓуровски, Жанко Савов, Саша Ќириќ, Илчо Ѓоргиоски, Данчо Целески. На радост на младите кои беа присутни на натпреварот во составот на македонската репрезентација беше и нашиот популарен пејач и промотор на А репрезентацијата, Даниел Кајмакоски. Хуманитарниот натпревар го организираше Општинскиот фудбалски сојуз на Велес, а ФФМ целосно го поддржа.


-Секогаш ќе бидеме присутни на манифестации со хуманитарен карактер, посебно ни е драго што велешани го поддржаа овој натпревар, ја покажаа својата хуманост и љубов кон спортот. Ваквите манифестации ги зближуваат луѓето, ја зголемуваат нашата одговорност и ни даваат чувство дека треба многу поактивно да се вклучиме во настаните кој имаат за цел да помогнат некому, коментираа поранешните репрезентативци на Македонија.

Натпреварот заврши со резултат 4:3 за ветераните на македонската фудбалска репрезентација, Саша Ќириќ го постигна погодокот за победа. На крајот си подадоа рака и дадоа ветување дека во хуманитарни цели ќе одиграат уште многу натпревари.


Пред почетокот на натпреварот мини концерт одржаа оркестарот, вокални солисти и играорците на КУД „Ќерамичар“ а химната на Македонија ја изведе Орхидеја Дукова.



   
   
А репрезентација