ХАНС РУДИ ХЕСЛЕР: НЕ ПОСТОИ „РЕЗУЛТАТИ ВЕДНАШ“

Објавено на 05 Февруари, 2016 во Вести


Ханс Руди Хеслер е поранешен швајцарски фудбалер и технички директор на Швајцарската фудбалска Асоцијација. За интернет изданието на Фудбалската федерација на Македонија зборува за важноста на младинскиот фудбал, неговиот развој и уделот на долгорочното планирање за постигнување позитивни резултати. 

Вие долги години сте технички директор на Швајцарската фудбалска Асоцијација. Најдобрата фудбалска репрезентација на Швајцарија речиси три децении немаше пласман на големо натпреварување. Сега конечно имате генерација која обезбеди пласман на Европско првенство и велите дека сте подготвени за големи резултати. Што направи вашата асоцијација за овој напредок?

-По среќно избореното место за Светскиот куп во Соединетите Американски Држави во 1994 година, нашата федерација одлучи дека главниот фокус и инвестиции ќе се насочат кон развој на младинскиот фудбал. Првиот чекор беше во работата да се вклучи технички директор, да се изгради силен технички оддел во федерацијата и да се развие стратегија за идниот развој на младинскиот фудбал. За таа цел, неопходно беше да се форсира во развој на детскиот фудбал, млади деца од 7 до 12 години и да се создаде нова национална елитна програма за млади играчи од 13 до 21 година. Секако, големо внимание посветивме и на регионалните лиги за младинци од 13 до 19 години. Успехот на оваа генерација не го градевме преку ноќ, тоа е невозможно. Одевме чекор по чекор. Сега го собираме плодот од трудот вложен во изминатите десетина години. Тоа е единствениот исправен начин и драго ми е што гледаме дека и вие како федерација ги следите истите чекори.

Како реагираше јавноста  на таа стратегија, дали имавте притисок за „резултати веднаш“?

-Помалку или повеќе невозможно е да го објасните тоа на пошироката публика. Се обидовме да информираме во рамки на можностите за искреноста на нашиот план. Тоа беше вистински предизвик за нашиот медија и комуникациски оддел. Се вклучив и самиот во тој дел, но не помогна многу. На крајот помогнаа подобрите резултати на младинските национални тимови.

-Можете ли да наброите три точки кои сметате дека се најважни за подобри резултати на А националниот тим?

-Многу силна елитна програма за млади фудбалери со паметна селекција, академија со искусни и едуцирани тренери и логистичка поддршка и квалитетно национално натпреварување. Потоа, индивидуално планирање на кариерата на играчите и да се избере вистинскиот момент кога да се вклучат во првите тимови и да бидат подготвени за големите европски лиги.

Која е најслабата алка на македонскиот фудбал, а што најмногу ве импресионираше?

-Запознав, сретнав и разговарав со многу мотивирани и луѓе кои ја познаваат проблематиката. Подготвени сте да одите напред, многу чекори кои се важни веќе се направени во вашата федерација. Со малку исклучоци, инфраструктурата на стадионите е лоша, а економската ситуација во државата не и дава шанса на федерацијата дополнително да инвестира во тој дел. На крајот тоа не е обврска на федерациите, но помага многу. Запознаени сме со проектот за изградба на пет стадиони во вашата земја, проект кој го започна ФФМ и се надевам дека ќе имате поддршка и од општините и од државата. Како ФИФА ќе помогнеме и ние, тоа е многу важно за развој на фудбалот. Потребна е долгорочна стратегија која ќе има цели и ќе бидат поставени на здрава и реална основа. Се надевам дека во следниот период заеднички ќе го опфатиме и тој дел.



   
   
А репрезентација