Горан Пандев: „Словенија не е поголем мотив од моето враќање во репрезентацијата“

Објавено на 21 Март, 2016 во Вести, Вести


Македонската А репрезентација денеска во словенечки Порторож го имаше првиот собир спроти пријателскиот натпревар против Словенија на 23. март во Копер. Сите повикани фудбалери од списокот на селекторот Игор Ангеловски се ставија во функција на тимот. По две и пол годишна пауза во најдобрата репрезентација се врати Горан Пандев, најдобриот стрелец во историјата на националниот тим. Фудбалерот на Џенова вели дека најголем мотив за постигнување позитивни резултати е враќањето на позитивниот дух во репрезентацијата.

-Чувствувам еден вид позитивна трема, а тоа значи дека овој репрезнтативен дух ми недостасувал. Среќен сум што повторно се ставам во функција на репрезентацијата. Поголем мотив за мене не постои. Се надевам дека сите ќе ја сфатиме својата задача и ќе бидеме вистински колектив. Атмосферата е навистина пријателска, треба да се трудиме да го подобриме рејтингот кој реално не го заслужуваме. Словенија е квалитетна селекција, мислам дека ќе биде добар натпревар. Последните натпревари за Џенова ги одиграв и го добив потребниот натпреварувачки ритам. Ќе се трудам да помогнам, се надевам дека во иднина сите ќе го дадеме придонесот за некои нови резултати во националниот тим, вели Горан Пандев.

Македонската репрезентација го одработува првиот тренинг во Словенија. Натпреварот е закажан за 23. март во Копер со почеток во 18.00 часот.




   
   
А репрезентација