Горан Пандев: Неопходно е заедништво, веруваме во подобри резултати

Објавено на 30 Август, 2016 во Вести, Вести


Македонската А репрезентација во комплетен состав денеска ги продолжува подготовките за квалификацискиот натпревар против Албанија на 5. септември во Скадар. Во репрезентативниот табор синоќа се приклучија капитенот Горан Пандев и голманот Столе Димитриевски. Нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев вели дека заедништвото, оптимизмот и одлучноста може да не води кон подобри резултати во квалификацискиот циклус за СП 2018 кој го отвораме со пресметката против Албанија.

-Со нетрпение го очекуваме почетокот на новиот квалификациски циклус и натпреварот со Албанија. Наша цел ќе биде да го подобриме рејтингот на македонскиот фудбал и мислам дека сме подготвени да го направиме тоа во пресметките кои ни следуваат. Оптимизмот ни е потребен, заедништвото, одлучноста и квалитетот треба да не водат до успех. Групата е тешка, секој натпревар е посебен предизвик, но верувам во играчите и стручниот штаб. Мораме да се обидеме да направиме нешто значајно, вели Пандев.

-Сите овие играчи во составот живеат за Македонија и тоа ќе го покажеме на терен.
Ќе биде тежок натпревар, се е можно...можеби ќе победиме, можеби ќе загубиме, но ќе се бориме на вистински начин,
додаде Горан Пандев.

 



   
   
А репрезентација