Ѓуровски: Кина ќе биде добар тест, условите се одлични

Објавено на 15 Јуни, 2014 во Вести, Вести

Македонската репрезентација составена главно од играчи од домашниот шампионат се подготвува за првиот од двата натпревари против Кина кој се игра утре во Шенјанг со почеток во 13.35 часот по македонско време.

Селекторот на нашата репрезентација, Бошко Ѓуровски изрази задоволство од условите кои репрезентацијата ги има во Кина, а на состанокот со фудбалерите, тактичката поставеност на тимот за утрешниот натпревар беше главниот фокус.

-Благодарност до домаќинот за условите кои ни ги овозможија, навистина се чувствуваме одлично. Во репрезентацијата за овие два натпревари се наоѓаат млади фудбалери кои имаат свои квалитети и се надевам дека имавме доволно време да се подготвиме и да одиграме добро на утрешниот натпревар. Кина е фаворит, ние сме со подмладен состав, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме. Напротив, играчите се тие кои треба да го покажат и докажат својот квалитет и да сфатат дека ваквиот тип на натпревари може да им донесат само позитивни работиСекако, позитивни и за нас доколку ме убедат дека имаат потенцијал и квалитет да ја зголемиме конкуренцијата пред почетокот на квалификациите за ЕП во Франција, изјави селекторот на репрезентацијата, Бошко Ѓуровски.

Македонската репрезентација утре и на 22. јуни ќе ги одигра натпреварите против Кина во рамки на подготовките пред почетокот на септемвриските квалификации за Европското првенство 2016 година.




   
   
А репрезентација