Ѓорѓиоски: ФФМ им пружа рака за соработка на сите кои посакуваат развој на нашиот фудбал

Објавено на 18 Февруари, 2017 во Вести


Во изминатиот период како никогаш во историјата на македонскиот фудбал вложувавме и труд и финансии во изградба на фудбалска инфраструктура. Како федерација би биле пресреќни доколку имавме десетици терени со вештачка трева и рефлектори од Скопје преку Битола и Прилеп до Струмица, Охрид или Тетово, но факт е дека за повеќе од две децении немаше изградено ниту еден терен или игралиште.

Приказната за инфраструктурата не е само теоретска. Кога развиените фудбалски држави велеа дека „вложуваат во фудбалот“, сигурно не мислеа дека „влегоа во дуќан и купија добри играчи“. Не, туку направија сали, стадиони, купија опрема, направија програма за работа и добија – резултат. Кога вложувате во спорт, вложувајте во спортската инфраструктура.

На оваа Собрание се изборивме да продолжи досегашната политика и стратегија на ФФМ. А, тоа значи целосен фокус на реконструкција на стадионите, влогот во младинскиот фудбал, почитувањето на Националната стратегија, овозможување на сите потребни услови за подготовка на репрезентациите.

Работиме стабилно и можеме да се грижиме не само за репрезентациите, туку и да вложуваме во големи проекти. Горд сум на изградбата на тренинг центарот, терените со вештачка трева и реконструкција на стадионите во Битола, Прилеп, Штип и Скопје.

ФФМ, меѓутоа бара поддршка и од локалната самоуправа, општините мора да се придржуваат до роковите и да ги почитуваат потпишаните обврски. Сигурни сме дека вложувањето во фудбалските центри повторно ќе ги врати љубителите на спортот на нашите натпревари.

Eден од главните приоритети останува развојот на младинскиот фудбал. Направивме голема работа со фудбалската академија која е во рамки на ФФМ, но наша цел е да им помогнеме и на клубовите да ја развијат младинската база. Во наредниот период ќе се фокусираме на два многу значајни проекти за младинскиот фудбал.

Програмата на УЕФА за развој на млади елитни фудбалери ќе се обидеме заеднички да ја реализираме и со клубовите. ФФМ и логистички и финансиски ќе им даде поддршка на клубовите за работа со деца од 7 до 12 години по врвната англиска „Кервер“ програма, а младите на возраст до 16 години ќе работат според програмата на УЕФА за млади елитни фудбалери.

Ако тој начин на работа носи резултат со повеќе од 300 млади фудбалери од академијата на ФФМ, ќе биде од голема корист и за повеќе од седум илјади деца кои тренираат во клубовите.

Фудбалската академија во рамки на ФФМ ќе ја комлетираме со многу значајна инвестиција, а тоа е целосно завршување на сместувачкиот капацитет во рамки на „Куќата на фудбалот“. На тој начин децата од Академијата и младите национални селекции ќе добијат вистински фудбалски дом каде што заедно ќе се школуваат, тренираат, дружат, заедно ќе живеат... фудбалската академија е нашата школа за иднина.

За жал ФФМ нема инструменти со кои би можела да се бори против секојдневното труење на јавноста од луѓе кои во изминатите две децении не само што не му донесоа ништо добро на македонскиот фудбал, туку напротив, со своите деструктивни постапки само ни ја трошеа енергијата.

Најлесно е да пишувате писма, соопштенија, дописи...Од тоа баш никој нема корист, најмалку македонскиот фудбал. За секое обвинување го дознавме одговорот и на УЕФА и ФИФА.

Јасно е дека резултатите на А селекцијата не се најдобри, но верувам дека сме на вистинскиот пат. Напредокот во играта и посветеноста на тимот го видоа сите. За А репрезентацијата често се говори и малку потценувачки, но мора да сфатиме дека таа репрезентација е на сите нас и треба да и дадеме максимална поддршка. Ако после такви несреќени порази душата го боли еден Горан Пандев, тогаш знаете дека се бореле и спортски и со срце.

Нашиот сон да добиеме организација на големо натпреварување се оствари. Финалето на УЕФА Супер Купот е огромен настан кој ќе донесе бројни користи не само за ФФМ и градот Скопје, туку и за Македонија. Тоа е наша победа, заедничка и им благодарам на сите кои придонесоа сонот да стане реалност.

Македонскиот фудбал после две децении конечно не сплоти и израдува. За неколку месеци за прв пат во нашата историја македонски репрезентативен тим ќе настапи на Европско првенство. Навистина сме среќни што селекцијата до 21 година е меѓу најдобрите во Полска.Тие се иднината на македонскиот фудбал и им посакувам многу среќа.

Работиме лигата да биде подобра, се фокусираме на развојот на струката, едукацијата на стручниот кадар и овозможуваме поквалитетна институционална поддршка на клубовите.

Фудбалската федерација им пружи рака за соработка на институциите и корпоративниот сектор, таму каде што фудбалот значи промоција.

Ги унапредивме сите служби во различни натпреварувања, од судиската организација преку делегатите до контролорите, постигнавме поголема ефикасност во арбитражата и дисциплинските постапки.

Не бегаме од предизвиците кои се пред нас, наша задача и обврска е да дадеме максимален придонес во насока на унапредување на македонскиот фудбал.

Да бидеме горди на репрезентацијата, да бидеме горди на младите селекции, да бидеме горди на нашите клубови, нашите тренери, судии, ветерани.

Да се обидеме да осигураме светла иднина на македонскиот фудбал.




   
   
А репрезентација