Објавено на 08 Март, 2016 во Вести
Претседателот на тренерската комисија во Фудбалската федерација на Македонија и еден од нашите најтрофејни тренери, Ѓоре Јовановски упати силна порака до одговорните лица во клубовите кои се натпреваруваат во македонскиот шампионат. Поранешниот селектор на А репрезентацијата на Македонија на гостување во емисијата „Куќа на фудбалот“ изјави дека клубовите се основната ќелија за напредок на македонскиот фудбал, упати порака до претседателите на клубовите – „Градете, градете, градете терени.
-Основна ќелија за напредок на македонскиот фудбал се клубовите. Не може со еден или два клуба, на некој начин во тој контекст би го ставил и Работнички, да произведувате фудбалери и да има силни репрезентации. Јас прашувам, за последните дваесет и пет години колку фудбалски игралишта се направени? Колку фудбалски центри, освен Вардар? Шкендија три години има стабилен спонзор, колку се создадени услови да се игра фудбал во Тетово? Каде тренираат? Каде тренираат другите екипи? Ниту еден друг клуб нема вложено во инфраструктура, вели Јовановски.
-На сите што вложуваат во македонскиот фудбал треба да им се честита, но ФФМ на ниту еден клуб нема да му биде препрека, напротив, ќе добијат помош доколку сакаат да направат подобра инфраструктура. Упатувам порака до сите газди или претседатели на клубовите - градете, градете, градете терени.
Во разговорот во „Куќа на фудбалот“, Ѓоре Јовановски зборуваше за актуелната состојба во македонската Прва лига, едукацијата на тренерите, состојбите во А националниот тим и младинските селекции.
Целиот разговор погледнете го на следниот линк:
https://www.youtube.com/watch?v=P3XL3nRzy5w
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....