Генералниот секретар на Турската федерација гостин во „Куќата на фудбалот“

Објавено на 20 Март, 2015 во Вести

Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски во „Куќата на фудбалот“ оствари работна средба со неговиот колега од Фудбалската федерација на Турција, Кадир Кардаш.

Првите оперативци на двете федерации разговараа за бројни актуелни теми поврзани со европскиот фудбал, со акцент на случувањата во регионот, посебно со преложеното клупско регионално натпреварување што како иницијатива и предлог до УЕФА го претстави нашата федерација.

-Ние имаме стратегија за работа со млади категории и развивање на инфраструктурата за создавање еднакви услови за работа и тренинг на сите млади кои се занимаваат со фудбал. Веруваме дека резултатите нема да изостанат ако вложуваме средства, труд и време во долгорочен развој на спортот, како во случајот со Турција каде одлично се работи на инфраструктурата и вложувањата во млади фудбалери. За нас е многу значајно што го споделуваат своето искуство со нас. Во фудбалот резултатите не доаѓаат веднаш, потребно е долгорочно да се планира, да се работи на поставената програма и да се измерат резултатите како би можеле да спроведеме корективни мерки за понатамошно подобрување. Верувам дека и ние ќе оствариме добри резултати ако се придржуваме до стратегијата која ја наметнавме кога е во прашање младинскиот фудбал и инфраструктурното подобрување, вели Филип Поповски.

Високиот гостин од Турција посебно се интересираше за преложеното клупско регионално натпреварување што како иницијатива и предлог до УЕФА го претстави нашата федерација и веќе доби низа позитивни коментари од другите федерации во регионот.

-Регионалното клупско натпреварување е многу интересно за Турција, на одреден начин тие би биле лидери во „проектот“ имајќи ја предвид силата на нивните клубови, бројот на гледачи кои доаѓаат на стадионите и ефектот од телевизиските права. Идејата е претставена и очекуваме поддршка од сите заинтересирани страни бидејќи цврсто веруваме дека тоа е за доброто на фудбалот во регионот, додаде Поповски.

Двајцата генерални секретари ги потенцираа одличните односи меѓу двете федерации, соработка која преку разни програми и проекти  се обидуваме да ја продлабочиме.




   
   
А репрезентација