Футсал спектакл во Скопје

Објавено на 17 Октомври, 2014 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија од 26. до 29. октомври е организатор на меѓународен футсал турнир на кој ќе учествуваат силните селекции на Шпанија, Финска и Турција.

Одбележувањето на 15. годишнината од одигрувањето на првиот официјален футсал натпревар на македонската репрезентација е повод за организацијата на силниот турнир, како и подготовка на А футсал селекцијата на Македонија за квалификациите за пласман на Европското првенство во Србија идната година. Натпреварите од меѓународниот турнир ќе се одиграат во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Селекторот на нашиот национален тим, Васко Скендеровски смета дека со пресметките против Финска и евентуално против неколкукратниот европски и светски шампион Шпанија ќе бидат од голема корист за подигнување на квалитетот на игра на нашата репрезентација.

-За нас ова е нов предизвик, ние сме организатори на првиот пријателски турнир во нашата земја и деновите од крајот на октомври ќе бидат вистински тест за нашите можности спроти мартовските квалификации за пласман на Европскиот шампионат во Србија. Финска, Турција и посебно Шпанија се противници кој во голема мера ќе ни потврдат на кое скалило по квалитет е македонската репрезентација. Отвораме со Финска, селекција која според Уефа ранг листата е на исто ниво како и македонската. Се работи за сериозна репрезентација која напредуваше во последниот период и која има амбиција да влезе меѓу најдобрите европски селекции. Финска сега треба да ја игра улогата на Унгарија, репрезентација која е во нашата квалификациска група за пласман на ЕП 2015. Со победа против Финска велгуваме во пресметка против неколкукратниот европски и светски првак Шпанија, селекција која ја добивме за противник и во квалификациската група. Шпанците доаѓаат со најсилен состав и мислам дека сите ќе го дадеме максимумот најпрвин да обезбедиме дуел против Шпанија, а потоа и да се надигруваме со големиот противник. За нас тоа ќе биде искуство од непроценливо значење, вели Скендеровски.


Селекторот на А футсал репрезентацијата на Македонија смета дека напредокот на селекцијата е евидентен, вели дека е реално јавноста да очекува напредок и во квалификациската група за пласман на ЕП.

-Резултатите постигнати во последниот период реално даваат надеж дека можеме за прв пат во нашата футсал историја да направиме чекор кој би не доближил до пласман на големо натпреварување. Групата во која се наоѓаме во квалификациите ни дава шанса да се надигруваме со Унгарија и една од репрезентациите кој преку предквалификации ќе влезат во главната фаза. Шпанија е апсолутен фаворит. Со ангажирањето на Иван Божовиќ, еден од најдобрите тренери на овие простори добивме дополнителен квалитет, потврда дека амбициите на оваа селекција се високо поставени. Оправданоста на неговото ангажирање се и постигнатите резултати со Железарец во предквалификациите и квалификациите од Лигата на шампионите. Посебно радува нивото и квалитетот на игра на тимот, се надеваме дека заеднички сето тоа ќе го пренесеме и во репрезентацијата. Играчите максимално позитивно го прифатија методот на работа на српскиот тренер и мислам дека со мали корекции и малку среќа Македонија ќе постигне добри резултати на важните натпревари кои не очекуваат. За нас е важно да имаме силни контролни натпревари на кој ќе ги корегираме евентуалните грешки и недостатоци пред квалификациските пресметки. Турнирот во Скопје е добра можност за тоа.

Скендеровски исто така го потенцира подмладувањето на репрезентацијата како една од клучните цели на стручниот штаб.

-Подмладувањето на репрезентацијата го започнавме на претходните неколку натпревари и навистина сум среќен што младите селектирани играчи потврдија дека имаат желба и потенцијал да бидат дел и од најдобриот состав. Нови играчи ќе има и на натпреварите од меѓународниот турнир, доколку навистина не убедат дека заслужуваат место во А тимот, тие ќе бидат играчите на кои ќе сметаме и во иднина.

Организацијата на меѓународниот турнир во футсал е ретка можност љубителите на футсалот во нашата во живо да ги проследат натпреварите на шпанската репрезентација, состав кој по квалитетот на игра и резултатите е на ниво на Бразил. Селекторот на македонската репрезентација, Васко Скендеровски вели дека предводникот на Шпанија, Венансио потврдил дека во Скопје доаѓа во најсилен состав. На 27. октомври во 19.30 е пресметката меѓу Шпанија и Турција, во 21.30 е натпреварот Македонија – Финска. Натпреварот за трето место и финалниот дуел се играат на 28. октомври.



   
   
А репрезентација