Објавено на 14 Април, 2021 во Вести, Футсал
Македонската футсал репрезентација вечерва од 18:00 часот против Романија на гостински терен го игра последниот натпревар од квалификациската група 4 за пласман на Европското првенство. На овој дуел, како и на оној пред четири дена во Скопје против селекцијата на БиХ, нашиот селектор Васко Скендеровски нема да може да смета на неколкумина стандардни репрезентативци, но сепак се надеваат дека ќе остават позитивен впечаток против фавориот Романија.
- Го играме последниот натпревар од овој квалификациски циклус за пласман на ЕП. Ќе играме без притисок, затоа што ние шансите ги загубивме на последниот натпревар против БиХ во Скопје, со оној несреќен и неправеден пораз од 2:3. Морам да напоменам дека и на овој натпревар ќе бидеме драстично ослабени заради неиграњето на неколкумина стандардни првотимци (Даниел Де Соуза, Леовски, Глигоров, Мицевски, Зибери), како и фактот дека ќе недостасуваат од натпреварот со БиХ и капитенот Ранготов, првиот голман Петровски како и Сулејмани. Ова е шанса за некои помлади играчи да ги покажат своите квалитети во еден натпревар без резултатско значење за нас, посебно што голем дел од нив прв пат го облекуваат репрезентативниот дрес. Мораме веќе да создаваме нова репрезентација за следниот циклус, што беше и моја примарна цел. Романија ќе биде комплетна, секако дека е голем фаворит со нивниот квартет Бразилци, но зошто да не се обидеме растеретени да направиме ново изненадување и да го продолжиме континуитетот на добри игри во овие квалификации. Да не заборавиме дека до минатото коло бевме во сериозно игра за пласман на ЕП и само немањето среќа во последните 15-на секунди против БиХ не оддалечи од шансата за пласман на големо натпреварување. На крајот можам да ветам дека сите играчи кои се тука во Темишвар со нетрпение очекуваат да го дадат својот максимум и сигурен сум дека нема да ги разочараме љубителите на спортот во нашата земја, изјави селекторот на македонската репрезентација, Васко Скендеровски.