Објавено на 03 Февруари, 2019 во Вести, Футсал
Македонската футсал репрезентација со 3:2 славеше против Албанија и со третата победа во групата го завери првото место во претквалификациската фаза за пласман на СП. Нашиот национален тим во наредната рунда ќе игра во Украина, каде ќе се соочи со Украина, Словенија и Косово.
Нашата селекција поведе уште во 14. секунда преку Зибери, a убава прилика за удвојување на предноста пропушти Андов. Албанија чекаше на првата шанса пет минути, со еден шут од далечина, а откако топката повторно се одби кај противникот, Албанија успеа да изедначи со одличен погодок на Бесник Реџепај. Во 12. минута шанса имаше Алими, но не успеа да погоди, додека две минути подоцна, Албанија го направи пресвртот, благодарение на Един Каца.
Меѓутоа во вториот дел Македонија заигра далеку подобро и брзо дојде до пресврт. Во 23. минута Зибери постигна гол за 2:2, а Исмаили потоа во 24. минута донесе пресврт.
Нашиот голман Петровски имаше четири фантастични интервенции и е еден од најзаслужните за триумфот на Македонија и првото место во групата „Ц".
Наредната квалификациска рунда во борбата за пласман на Светското првенство во футсал ќе се игра во октомври, 2019 година.