Објавено на 22 Март, 2015 во Вести, Футсал
Унгарија поради подобра гол разлика го освои второто место во групата и ќе се бори за пласман на континенталното првенство.
Во последниот натпревар на турнирот кој го организиравме во СЦ „Борис Трајковски“, нашата репрезентација беше поразена со 7-1 од големиот фаворит Шпанија. Унгарија ја совлада Швајцарија со 8-2.
Шансите за голем резултат избраниците на селекторот Васко Скендеровски ги пропуштија против Унгарија, натпревар во кој имавме водство се до претпоследната минута, и голем број неискористени шанси за потврда на победата. На крајот постигнавме автогол за израмнување (3-3).
Македонија победи минимално против Швајцарија, што дополнително им ја олесни шансата на Унгарците со убедливиот триумф над истиот противник да го освојат второто место.
На мечот до Шпанија, „црвената фурија“ го отвори резултатот со автогол на Тодоровски, Македонија израмни со голот на Иван Крстевски, а до крајот на првиот дел Шпанија обезбеди водство од 3-1 со погодоците на Аикардо и на Пола.
Во второто полувреме уште четири гола во нашата мрежа, а стрелците беа Раул Кампос, Фернандао, Лин и Марио Ривиљос.