Објавено на 04 Октомври, 2019 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заедно со своите партнери и спортски пријатели на 5. октомври (сабота) од 11:00 часот пред фонтана во Градски парк организира спортско - забавен ден за сите љубители на спортот и фудбалот.
На саботното заедничко дружење ќе бидат организирани низа активности и наградни предизвици поддржани од партнерите на ФФМ, Горска и Сава осигурување. Заедно со нив и со претставници од федерацијата, секои посетител ќе може да си ја проба среќата на „Тркалото на среќата“, потоа да освои вредни награди во „Трката со вода“, да шутира пенали или да се натпреварува во жонглирање. Заеднички да се обидеме целиот настан пред „Фонтана“ во Градски парк да го исполниме со позитивна енергија и сите, од најмали до највозрасни, да се увериме во користа од спортот и спортувањето.
Овој настан на Фудбалската федерација на Македонија е поттик за сите поддржувачи на македонската репрезентација да бидат поддршка на претстојниот натпревар на Македонија против Словенија кој се игра в четврток, 10. октомври на Националната арена „Тодор Проески“. Влезниците се во продажба од 50. до 200. денари преку https://mktickets.mk/en/event-en/mkdslo/, на посебен пулт во Skopje City Mall и на билетарата на Национална арена.