Објавено на 22 Мај, 2017 во Времеплов, Фудбалски Асови, Вести
Два гола за прволигашко славје
Пишува: Миодраг Мицковиќ
Веројатно многумина љубители на фудбалот се прашуваат кој беше фудбалерот што го постигна првиот гол за Вардар по неговото формирање во далечната 1947 година,кога на 22 јули во преполната сала на киното Вардар /денес веќе не постои,/ беше извршена фузија меѓу двата во тоа време најпознати фудбалски клубови во Скопје, Македонија и Победа за да се формира нов клуб Вардар. За прв претседател на спортското друштво Вардар беше избран Димче Беловски, за прв претседател на фудбалската секција Ангеле Божиновски.
Најпознатите играчи од овие два клуба преминаа во Вардар бидејќи за десетина дена ги очекуваа квалификациите за влегување во Првата лига на тогашна Југославија.
Вардар требаше да одигра две средби со Слога од Нови Сад /подоцна Војводина/. На првиот натпревар во Нови Сад, на 4 август 1947 година по голема борба мечот заврши без победник 1:1. Стрелец на првиот официјален меч за Вардар и првиот гол беше професорот Саво Цветковиќ/94 години/, денес еден од најстарите поранешни фудбалери, долгогодишен член на Управниот одбор на клубот.
Иако е во подминати години Саво Цветковиќ е мошне витален, чест посетител на средбите на Вардар, кој, иако има одиграно само два натпревари во дресот на Вардар, речиси целиот свој живот е вљубен во фудбалот. Што е уште поинтересно, Цветковиќ беше стрелец и на вториот гол за Вардар на неговиот втор натпревар во неговата богата клупска историја.
-Се уште се сеќавам на тој меч во Нови Сад, на мојот гол првенец за Вардар што го постигнав со левата нога иако бев изразит деснак. Додека играв за клубот Македонија играв халф. Но првиот тренер на Вардар Благоја Павловски-Ситното, кој како техничар работеше во Радио Скопје и не беше платен за тренирањето на играчите, бараше од мене во Нови Сад да носам дрес со број 9 и да бидам центарфор, ни раскажуваше Цветковиќ. Ме чуваше Симо Милованов, подоцна репрезентативец на Југославија, не многу нежно. Сепак, во еден момент на нафрлената топка од Цинциевски успеав да ја упатам кон голот на Слога и таа покрај изненадениот голман се најде во мрежата. Не беше тоа силен шут, но топката доби некое чудно ефе. Дури во финишот домаќините израмнија но со овој резултат имавме големи шанси да се пласираме во Првата лига со оглед дека реваншот се играше во Скопје.
Дали се сеќавате на тој прв состав на Вардар?
-Да, ќе го кажам и со прекарите на играчите, повеќе ги знаеја по нив: Славчо Димитровски, Ацо Ивановски-Чапаев, Благоја Петровски- Бала, Цветан Давидовски -Голчо, Васко Кокиновски-Макара, Драган Геров-Гагуш, Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Јане Јаневски, Саво Цветковиќ, Тодор Балевски-Велф и Сеизар Гота. Постарите навивачи на Вардар се сеќаваат на овие играчи. Од нив, само уште јас сум жив.
Саво Цветковиќ беше стрелец и на
единствениот гол за Вардар, вториот откако беше формиран, против Слога и во реваншот/1:0/.
-Игравме во истиот состав како на првиот натпревар во Нови Сад. Единствено наместо повредениот Балевски играше Драган Георгиевски-Геџо. Чуден тек имаше овој меч во Скопје. При резултат 0:0, тогашниот фудбалер на Слога Стево Каранфиловиќ, кој подоцна играше за Вардар и беше негов генерален секретар, за наша среќа не реализираше пенал. На стадионот во Градскиот парк имаше 15.000 гледачи. Во 63 минута јас го постигнав толку очекуваниот гол. Судијата Живота Влаиќ од Белград покажа на центар, гостите протестираа тврдеа дека сум бил во офсајд, но тој беше упорен сметајќи дека мојот гол бил регуларен. По многу расправија со судијата, играчите на Слога го напуштија теренот. Фудбалскиот сојуз на Југославија го регистрира натпреварот со 1:0 за Вардар и ние станавме членови на Првата лига, ја продолжи приказната Цветковиќ.
Овој натпревар беше и крај на вашата фудбалска кариера, две средби за Вардар, двата први историски гола. Зошто?
-Едноставно сватив дека фудбалот и студиите не можат да одат успешно заедно, морав од нешто да се откажам бидејќи студирав на Филозофскиот факултет - група хемија. Со тешко срце му кажав збогум на фудбалот и повеќе никогаш не го облеков дресот на Вардар. Дури тренерот Илеш Шпиц кога замина во Партизан, на неколку пати дојде во Скопје и ме убедуваше да дојдам во Белград и да играм за Партизан. Но, јас бев упорен, ги завршив студиите, се вработив како професор и тука заврши мојата фудбалска кариера. Па и доста беше. Пред Вардар, четири години бев стандарден првотимец во една од најдобрите екипи во тогашната наша Република - клубот Македонија. Но тоа е друга приказна. Единствено жалам што немам сочувано ниту една фотографија од моите настапи за Вардар.
Сите заедно со уште многу фотографии беа уништени во катастрофалниот земјотрес во Скопје го заврши разговорот Саво Цветковиќ , кој со своите први голови влезе во историјата на Вардар.
Од овој прв состав на Вардар најмногу првенствени и пријателски натпреватри во неговиот дрес има одиграно Васко Кокиновски -335, Цинциевски 277, Јаневски 242, Геров 134, Петровски 101, Балевски 59, Гота 53, Ивановски 52, Давидовски 36, Димитровски 15 и Цветковиќ само 2, најважните.
Можеби и ова ќе биде интересно, од оваа генерација Јане Јаневски има играно и за белградски Партизан на 16 натпревари постигнувајќи 10 гола.