Фудбалската федерација на Македонија донира дресови на Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите од Кавадарци

Објавено на 21 Октомври, 2014 во Вести


Николчо Делов, Претседател на Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите од Кавадарци денеска во „Куќата на фудбалот“ ја прими донацијата од Фудбалската федерација на Македонија, односно репрезентативни дресови/маички. Скромната донација од Фудбалската федерација на Македонија е посветена на спортистите кои на секој свој настап секогаш мораат да се борат против двајца. Против својот спортски противник и против својот животен хендикеп. Спортисти кои нудат инспирација и почит каква што можат да понудат само вистински шампиони.

- За нас спортот е од исклучителна важност во терапевтски цели, опоравок и локомоторна движечка динамика. Од денеска сме вистински тим, среќни сме што во иста опрема ќе се натпреваруваме на спортските натпревари. Ви благодариме за разбирањето и хуманоста, изјави Претседателот на Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите од Кавадарци, Николчо Делов.

Филип Поповски, в.д. Генерален секретар на ФФМ истакна дека федерацијата во рамки на своите можности секогаш ќе ја почитува социјалната и општествената одговорност посебно кон лицата со животен хендикеп.

-Овие спортисти на своја страна секогаш имаат една голема предност. На крајот тие се победници без оглед на кое место го завршиле својот натпревар. За нас е задоволство што можеме да помогнеме тие навистина да се чувствуваат како вистинска екипа и секогаш ќе ги поддржуваме. Обезбедувањето на донацијата е резултат на заложбите на ФФМ за социјална-општествена одговорност и една од главните цели за поврзување на оние на кои им треба помош со оние што можат да  укажат помош, истакна Филип Поповски, в.д Генерален секретар на ФФМ.




   
   
А репрезентација