Објавено на 30 Април, 2015 во Вести, Семинари
Техничка анализа на целокупниот процес за развој на младинскиот фудбал е главна тема на состаноците со раководството на ФФМ, директорот на едукативниот центар, Небојша Марковски, координаторот на младите национални тимови и фудбалската академија, Зоран Стратев , селекторите и тренерите на младинските национални селекции и одговорните во Фудбалската федерација во одделот за развој.
Во работниот дел од програмата првично беше направена техничка анализа за организационата структура во младинскиот фудбал која потоа детално се анализираше. Луѓето од федерацијата ги презентираа планираните активности, поставените задачи и цели и преку објективно согледување на резултатите, нивна анализа и корекција на евентуалните недостатоци образложија дека се работи во насока постојано да се надоградуваме кога е во прашање младинскиот фудбал и академијата.
Констатацијата на високите претставници на ФИФА е дека Фудбалската федерација на Македонија во програмата за развој на младинскиот фудбал ги следи модерните трендови, постоечките програми и техничката поддршка е на ниво на поголемите федерации, а сѐ со цел да се продуцираат подобри фудбалери, да се изгради правилен микс на спортска и животна едукација, со што ќе се осигура квалитетен развој на младите фубалери.
Една од важните работи потенцирани од претставниците од одделот за развој на ФИФА е координацијата и соработката со координаторите и стручната служба на младинските клубови и Фудбалската федерација. Клубовите во младинските конкуренции според насоките од ФИФА треба да ја следат програмата за развој на младинскиот фудбал на ФФМ, а федерацијата низ теоретска и практична работа да ги пренесува најновите знаења од областа на фудбалот. На таа тема беше организиран состанок меѓу гостите од ФИФА и претставници на клубовите од младинските конкуренции.