ФИФА инструкторот Масимо Кумбо главен предавач на судискиот футсал семинар во Дојран

Објавено на 19 Ноември, 2015 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија за прв пат организираше футсал судиски семинар, a како главен гостин во улога на предавач беше ФИФА футсал инструкторот Масимо Кумбо од Италија.

На судискиот семинар во Дојран учестувуваа 35 футсал судии од нашата земја кои имаа можност да го надградат своето знаење низ стручно едукативен процес и најважно да го пренесат сето тоа во пракса, односно на теренот за игра.

-Многу позитивна идеја на Фудбалската федерација на Македонија, на овој начин сите учесници добија можност да го покажат своето знаење се со цел да ја унапредиме играта и нашата работа пред сѐ. На ваков начин и преку овој тип на семинари се зголемува не само знаењето околу футсал правилата, туку им се дава дополнителен поттик на судиите да учествуваат во развојот на нашиот спорт. Судиите се важни исто колку и играчите, тие мора да ја чувствуваат играта од почетокот до последниот свиреж, вели италијанецот Масимо Кумбо.


ФИФА инструкторот изрази задоволство од организацијата на настанот и подготвеноста на македонските футсал судии да бидат дел од големо натпреварување.

-Многу сум задоволен од работата на судиите кои беа дел од семинарот. Беа посветени и конструктивни во расправата околу правилата. Многу ме радува што дадовме одговори на многу прашања кои можат да влијаат на играта. Видов дека во Македонија футсалот навистина се третира на добар начин, а тоа е значајно за неговиот развој. Судиите исто така сакаат да се едуцираат, понекогаш и ентузијастички настапуваат, но и тоа е правилен чекор за дополнителен развој. Доколку медиумски уште повеќе се експонира и вложувањата би биле поголеми. ФИФА организира едно големо натпреварување, а тоа е Светскиот футсал куп и практично е невозможно да учествуваат судии од секоја држава членка на организацијата. Но, позитивно за македонските судии е што се подготвени за предизвици, сакаат да учат нови работи и најважно имаат мотив да бидат дел од елитата. Се надевам дека на овој начин придонесовме да го зголемиме нивото на знаење на судиите од вашата земја, тоа и практично преку натпревар меѓу два тима го потврдивме и во иднина гледаме многу позитивно околу учество на македонски судии како дел од големо натпеварување во рамки на ФИФА, заврши футсал инструкторот Масимо Кумбо. 



   
   
А репрезентација