ФФМ во работна посета на општина Тетово

Објавено на 14 Јули, 2014 во Вести

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски денеска одржа работен состанок со Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.

На состанокот во Тетово се разговараше за начинот на реализација на активностите поврзани со изградбата на теренот со вештачка трева од проектот на ФФМ, “10 терени со вештачка трева“, дел од „Хет трик 3“ програмата на УЕФА и подготвеноста на општина Тетово да биде вклучена во новиот проект на ФФМ од програмата „Хет трик 4“ за поставување нова подлога и поставување рефлектори на Градскиот стадион во Тетово.

Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски истакна дека соработката со општините низ државата мора да биде на високо ниво кога се во прашање важни проекти со цел подобра и поквалитетна реализација на истите.

-Во име на Фудбалската федерација на Македонија, сакам да им порачам на одговорните во општина Тетово дека се радуваме на заедничкото создавање подобра иднина на македонскиот фудбал. Општина Тетово ги заврши активностите поврзани со изградбата на теренот со вештачка трева и ние сме благодарни и задоволни со заеднички реализираниот проект. Со помошта на Уефа и Фифа, ФФМ е способна институција да ги поддржи важните проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории. Ако во тоа ја имаме поддршката од општините, сигурни сме дека можеме да осигураме убава иднина на нашиот спорт, а посебно за најмладите фудбалери.

Тетово е една од десетте општини во државата која беше вклучена во проектот за изградба на терени со вештачка трева. На разговорот со одговорните луѓе во општината, Ѓорѓиоски ја потврди заложбата на ФФМ за помош на сите региони низ Р. Македонија, нагласувајќи дека секоја општина мора да ги исполни своите обврски од проектот доколку имаат намера да се вклучат во новите активности кој ФФМ ќе ги реализира со помош на Уефа.

-Желбата на ФФМ е заеднички со Владата на РМ и градовите да ја подобриме спортската инфраструктура. Низ разговорите со луѓето од општина Тетово заклучивме дека градот е подготвен да ја надградуваме нашата соработка. Реализираната програма за изградба на теренот со вештачка трева, ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура во Тетово. Општината е подготвена да влезе во новиот проект за подобрување на условите на Градскиот стадион, а ние сигурно ќе ја поддржиме секоја иницијатива која ќе значи поквалитени услови за фудбалерите и клубовите. Сигурни сме дека поквалитетните стадиони, подобрата организација на натпреварувањата и заедничката одговорност на сопствениците на стадионите и клубовите ќе доведат до подобро однесување и на фудбалските натпревари, додаде Ѓорѓиоски.



   
   
А репрезентација