ФФМ во периодот е домаќин на 12 различни категории на репрезентации, организираме бројни турнири и активности

Објавено на 26 Март, 2019 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија во периодот е организатор на бројни настани и турнири на кои како федерација сме домаќини на 12 различни категории на репрезентации од исто толку држави. Активностите и натпреварите кои ги организираме апочнуваа со квалификацискиот натпревар за ЕУРО 2020 меѓу Македонија и Летонија, потоа организација на развојниот турнир на УЕФА за фудбалери до 16 години на кои учествуваат репрезентациите на Македонија, Грузија, Азербејџан и Саудиска Арабија, следува футсал квалификацискиот турнир за пласман на Европско првенство до 19 години на кој за место на ЕП разигруваме со Белгија, Романија и Украина, ФФМ е домаќин на два контролни натпревари меѓу репрезентациите на Македонија и Полска до 15 години, нашата федерација е организатор и на развојниот турнир за девојчиња до 16 години на кои учествуваат и селекциите на Норвешка, Грузија и Луксембург, а на еден од двата пријателски натпревари со Албанија за фудбалери до 19 години бевме домаќини во Охрид. Единствено, репрезентацијата на Македонија до 21 година во овој период своите активности ги извршува надвор од нашата земја, односно Македонија до 21 година е учесник на „Анталија куп“ во Турција заедно со селекциите на Украина, Летонија и Ерменија.

-Секој кој е вклучен во организацијата на овие натпревари и турнири заслужува честитки и пофалба за својата работа и посветеност. Сите кои го сакаат фудбалот можат да уживаат, да видат бројни таленти кои во иднина можеби ќе играат во големи клубови. Вложувањето во генерациите кои доаѓаат е апсолутно нужност за развојот на младите фудбалери. Организацијата на бројни натпревари почнувајќи од најрана возраст е исклучително важно за нас како федерација и навистина е предизвик да бидеме дел од сите овие натпревари во период од две седмици. Младинскиот фудбал не може да дише со „полни гради“ без здрави темели, а ние се обидуваме да го направиме токму тоа – да биде отворен за сите, вели Арѓент Беќири, претседател на младинската комисија во Фудбалската федерација на Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија оваа година ќе организира еден развоен турнир на УЕФА за женски фудбал, а Македонија ќе биде домаќин и на квалификациите за девојчиња до 19 години.

-Како еден од главните приоритети лани кога е во прашање женскиот фудбал ни беше враќањето на А женската репрезентација, како и учество на бројни турнири во млади категории. Оваа година ја започнуваме со организација на УЕФА развоен турнир за девојчиња до 16 години и се надевам дека тоа ќе биде поттик за идни позитивни работи за популаризација на женскиот фудбал. Знаеме дека сме на вистински пат со самото тоа што УЕФА ни дава доверба да бидеме организатори, а сатисфакција секако е пофалбата која ја добиваме и од репрезентациите учеснички на турнирите. Некогаш кога има многу репрезентации присутни кај нас, во машка и женска конкуренција, се соочуваме и со одредени предизвици, но сепак крајниот резултат е важен, а тоа е дека сите искажуваат задоволство од третманот и нашето гостопримство. Важно за селекторите и тренерите е што добиваат појасна слика околу квалитетот на девојчињата и можноста да напредуваат во иднина, вели Куштрим Љума, одговорен во одделот за женски фудбал во Фудбалската федерација на Македонија.

- Пред нас е голема задача, навистина е организациски предизвик да се биде домаќин на бројни репрезентации на повеќе локации. Иако организацијата на различни турнири бара многу време и способност, можам да кажам во име на целиот тим на ФФМ дека се радуваме на сите овие активности. ФФМ има квалитетен кадар, амбициозни и посветени луѓе кои можат да ги исполнат стандардите на УЕФА и се надевам дека ќе продолжиме во таа насока, вели Жарко Игњатовски, раководител на сектор фудбал во ФФМ.




   
   
А репрезентација