Објавено на 27 Јануари, 2017 во Вести
Во „Куќата на фудбалот“ денеска се одржа работен состанок меѓу претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, претседателите на клубовите од Првата лига и претставници на службите во ФФМ.
Главна тема на состанокот беше иницијативата на ФФМ за формирање Одбор на прволигаши, кое првично би ја имало улогата на советодавно тело на Управниот одбор на ФФМ поврзано со функционирањето на Првата лига, предлозите за евентуална промена на правилникот и пропозициите како и подигнувањето на квалитетот на арбитражата и делегирањето на официјалните лица.
-Секогаш ми е драго да бидам во Ваше друштво,
друштво кое несебично дава за фудбалот, работи во корист на спортот и тоа на
начин кој денеска има голема вредност - да давате, а не да земате од спортот.
Вие сте еден од столбовите на македонскиот фудбал и мораме заеднички да
работиме на подобрување на сите сегменти од функционирањето на Првата лига. Со
евентуалното формирање на Одбор на прволигаши заеднички би ги носеле одлуките
во однос на натпреварувањето, т.е. Вие како посебно тело би давале предлози и
забелешки пред Управниот одбор на федерацијата. На тој начин, клубовите би го
имале најголемото влијание во однос на организацијата на натпреварите,
делегирањето на официјалните лица, во однос на термините за натпревари,
суспензиите итн. На овој начин или со овој предлог, ФФМ не сака да наметне ново
тело кое би функционирало само на хартија, туку напротив, би добиле сериозно
фудбалско тело кое би одлучувало заедно со нас за натпреварувањето од Првата
лига, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
На состанокот присутвуваа и генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски, претседателот на натпреварувачката комисија Васко Дојчиновски, претседателот на судиската организација Емил Божиновски кои се вклучија во конструктивната дискусија со претставниците на клубовите.
Начелни
договорено е да се формира работна група со претставници од клубовите и од
службите во федерацијата која би го разгледала конкретниот предлог за формирање
Одбор на прволигаши, би дале свој предлози и
забелешки пред официјално да започне да функционира како посебно
советодавно тело на У.О. на ФФМ.