Објавено на 06 Март, 2019 во Вести, Еднаквост
Фудбалската федерација на Македонија и годинава дава поддршка во КАФЕ акциската недела (CAFE Week of Action) која трае од 2. до 10. март.
Главна цел на КАФЕ е подобрување на пристапот и вклучување на лицата со инвалидитет на спортските натпревари, а посебно користејќи го влијанието на фудбалот, како и овозможување на лицата со инвалидитет да го заземат своето вистинско место на стадионите, но и во општеството, како навивачи, гости, волонтери, вработени...
Во оваа насока, Фудбалската федерација на Македонија со задоволство ја поддржува акцијата на КАФЕ сѐ со цел да се подигне свесноста и важноста за вклучување на лицата со инвалидитет на спортските настани.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Огнен Велевски кој има улога на Disability Access Officer во екипата на ФК Работнички.
Огнен колку долго ја имате улогата на Disability Access Officer (DAO) на Работнички и од кои работни обврски се состои?
- Мојата улога како Disability Access Officer во клубот спаѓа во одделот за социјална одговорност (CSR) и фигурира уште од 2015. година. Последнава година, активностите на ова поле во нашиот клуб се интензивираа и со гордост можам да кажам дека лани, а посебно оваа година имаме агенда полна со планирани активности и задолженија кои ќе ги оствариме во соработка со организациите кои ги третираат лицата со попреченост во Скопје, но и во Македонија.
Накратко, во однос на задолженијата, јас сум главната точка на препознавање за обезбедување бесплатни билети за сите заинтересирани организации за лицата со попреченост за секој домашен натпревар на мојот клуб. Одговорен сум за обезбедување на сите услови за соодветен пристап на домашниот стадион на мојот клуб (пристапен паркинг, лифт за корисниците на колички, осигурување на рампите за влез на стадионот, проверување на сигурносните излези и планот за евакуација на секој меч, сместување во соодветните блокови низ стадионот на организираните групи фанови со попреченост итн.)
Годинава ФФМ ве номинираше да бидете представник од македонски клуб на првата средба на DAO network group, која се одржа во Барселона на 15. и 16. јануари оваа година. Кои се вашите импресии / сознанија / искуства од ова прво европско вмрежување на оваа тема?
Најпрвин, упатувам благодарност до ФФМ за честа која ми ја дадовте токму јас да бидам претставникот од нашата земја на првиот семинар на клубови, организиран од CAFE оваа година. На овој собир во Барселона се разговараше на темите - Улогата на DAO во клубот, подобрување на улогата на DAO во клубовите, а исто така се разгледуваше и се работеше на дополнувања на прирачникот на CAFE издаден во 2015 година.
Искуството беше одлично. После овој собир, научив многу во поглед на прашањата и темите кои ги третиравме, за тоа како работат DAO-те во Европа, а исто така јас како DAO од ФК Работнички можам со гордост да кажам дека сега нашиот клуб има големи пријатели и многу вредни контакти на ова поле за соработка во клубовите како Барселона, Баерн Минхен, Милан, Порто, Селтик, Клуб Бриж, Спартак Москва, Тотенхем, како и со Федерациите на Русија, Полска, Интернационалната асоцијација на слепи (IBSA) и други.
Што Работнички прави на ова поле?
ФК Работнички веќе години наназад активно се залага за активно учество и инклузијата на лицата со попреченост во фудбалот, не само во однос на обезбедување соодветни услови на стадионот за активно следење на натпреварите на ФК Работнички за лицата со попреченост, туку и се залага за активно учество на лицата со попреченост директно во фудбалската игра. Низ годините организирани се пријателски натпревари помеѓу клубот на ветерани на ФК Работнички со тимот на Мобилност на Македонија и тимот на Специјалната олимпијада на Македонија. Клубот редовно учествува во сите акции и ги одбележува сите „Недели на спортот“ организирани од УЕФА.
Како што спомнав погоре, за претстојната година имаме полна агенда. Но нема да откривам сѐ, секако. Само ќе набројам неколку клучни моменти. Во соработка со ФФМ и Федерацијата на Глувите во Македонија на нашите натпревари на Арената Филип II имаме превод на знаковен јазик. Специјална Олимпијада на Македонија во одделот на фудбал, ќе ги користат терените на ФК Работнички за тренинг и подготовки за нивните претстојни настани. Во однос на социјалната одговорност, клубот и понатаму активно ќе учествува во сите „Недели на спортот“ и Акции кои се организирани од ФФМ и од УЕФА и нејзините организации. Понатаму , планирано е да донираме опрема на организации и поединци.
Морам да напоменам дека, ФК Работнички доделува бесплатни билети на сите заинтересирани организации кои ги покриваат лицата со попреченост на територијата на Македонија. Секоја активност која ја правиме, ја креираме за лицата со попреченост, за тие целосно да се чувствуваат рамноправни во сите сфери на фудбалската игра.
Како клуб, на кој начин ќе ја ќе ја поддржите CAFE Week of Action 2019?
ФК Работнички со радост ќе ја дочека „Неделата на акција“. Во соработка со Асоцијација Ластовица и ДУЦОР Партение Зографски ќе организираме настан на Арената Филип II. Имено, дечињата со комбинирани попречености од Асоцијацијата Ластовица ќе излезат на терен заедно со играчите на двата тима пред самиот почеток на натпреварот, во знак на покренување на свесноста, како и давање акцент на важноста за инклузија на овие лица во фудбалот. Но, тука мојот клуб ќе ја зајакне оваа кампања, па натпреварот помеѓу екипите на ФК Работнички и Академија Пандев, ќе стане првиот официјален натпревар од ПМФЛ, на кој, лицата со оштетен слух, глуви и наглуви, ќе бидат “собирачи на топки” покрај самиот терен, секако во директна асистенција на децата организирани редовно од нашиот клуб.
Како придонесуваат семинарите кои ги организира ФФМ за развојот на улогата на ДАО во Македонија?
Семинарите кои се организираат од ФФМ играат клучна улога за поддршка и подобрување на условите на стадионите за поуспешна инклузијата на лицата со попреченост. Тука, уште еднаш морам да се заблагодарам на ФФМ за активното залагање на ова поле. Со улогата на ДАО која ја работам сега, прв пат се запознав на семинарот организиран во просториите на ФФМ во 2015. Таму се запознав со основните задолженија и активности кои треба да ги работам. Понатаму, во април 2018, во соработка со CAFE, беше организиран уште еден семинар на сите клубови од Прва фудбалска лига на Македонија, каде ги надоградуваме своите знаења и јас директно научив многу од примерот за развој на ова поле презентиран од НК Динамо Загреб. Исто така, морам ја нагласам и директната соработка и постојана поддршка, која јас како ДАО од ФК Работнички несебично ја добивам од Националниот координатор Ирена Бакревска-Милошевска, разговарајќи за и развивајќи нови планови за развој и подобрување на полето за поуспешна инклузија на лицата со попреченост во фудбалот, од страна на ФК Работнички-Скопје и Фудбалската федерација на Македонија.