ФФМ со поддршка на проектот Фудбал без Граници

Објавено на 30 Мај, 2016 во Вести

Денес во Куќата на фудбалот беше одржана прес конференција за проектот Фудбал Без Граници во организација на ЛОЈА – Центар за балканска соработка, Гермнаската и Француската амбасада, а со поддршка од Фудбалска Федерација на Македонија.

На прес-конференцијата се обратија Г-ѓа Лоранс Оер, Амбасадорка на Франција,  Г-ѓа Кристине Алтхаузер, Амбасадорка на Германија и Г. Филип Поповски, Генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.

- Фудбал без граници e заеднички проект на германската амбасада, француската амбасада, Францускиот Институт на една страна и ЛОЈА – Центар за балканска соработка, Une Terre Culturelle - Marseille and Jugendzentrum Betonia – Berlin од друга, со поддршка на Француско – Германската Младинска Канцеларија и Фудбалската Федерација на Македонија. Целокупната цел на проектот е да се зајакне улогата на фудбалот во современото општество во борбата против расизмот, дискриминацијата и насилството и се стреми да ги надмине несогласувањата преку создавање на партиципативна и толерантна спортска култура. Фудбал без Граници го смета спортот, а особено фудбалот како клучна алатка за овој процес на социјален развој. Токму затоа имплементацијата на проектот Фудбал без граници се случува во пресрет на Европското Фудбалско Првенство во Франција – истакна Бујар Љума од ЛОЈА.

- Ова е проект кој се спроведува во Македонија и сметаме дека 15 дена пред почетокот на европското првенство во Франција е убав симбол  за реализација на ваков фудбалски проект.

Би сакала да упатам благодарност до генералниот секретар на Фудбалска Федерација на Македонија, Г-н Филип Поповски и до претседателот Г-н Илчо Ѓорѓиоски што се домаќини на оваа прекрасна локација.

Франција е домаќин на Европското првенство во фудбал кое започнува на 10 јуни, и оваа денешна средба во Македонија помеѓу учесници од Германија, Франција и Македонија низ проект кој е наменет за момчиња и девојчиња покажува дека за вакви спортски настани и за вакви фудбалски настани не постојат граници и дека спортот претставува одлично средство за социјална кохезија.

Младите луѓе кои земаа учество во проектот исто така се сретнаа со исклучително меѓународно искуство благодарение на невладината организација ЛОЈА од Тетово, на која би сакале најискрено да и се заблагодариме.

Би сакала да ја подвлечам важноста на отворената комуникација, да се прифати мирната дебата и да им се пристапи на суштинските прашања со цел да се унапредат нашите општества.

Од тие причини јас сум навистина среќна што во текот на овие денови учесниците на проектот можеа без табуа да разговараат за надминувањето на прашањата за расизам, насилство и дискриминација.

Фудбалскиот терен треба да биде крстосница на социјална и културна интеграција. Спортот треба да ги прифати сите млади без оглед на нивното потекло, социјален статус или религија. Натпреварот ќе биде добиен кога дискриминацијата ќе биде во офсајд и кога респектот ќе се наметне во секој миг. - изјави нејзината екселенција Г-ѓа Лоренс Оер – Амбасадор на Франција во Македонија


- Фудбалот не беше случајно избран како проект во пресрет на Европското Фудбалско Првенство во Франција. Амбасадата смета дека преку спортот може да се постигне многу во полето на едукација на младите за надминување на културните, етничките и половите разлики. Особено сакам да ја потенцирам Германско – Француската соработка на културно, стопанско, образовно, научно поле која започна како резултат на желбата за помирување на народите по втората светска војна за која особено се заложија генералот Де Гол и Конрад Аденауер. Во контекст на важноста на фудбалот, Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер со својот колега Орал во мај 2016 г. го доделија одликувањето Германски Фудбалски Амбасадори за 2016 година, кое по четврти пат се доделува на спортисти кои се заслужни за меѓународна афирмација на Германија. - истакна нејзината екселенција Д-р Кристине Алтхаузер – Амбасадор на Германија во Македонија.

- Фудбалот без граници представува заеднички проект чијашто цел е да ја зајакне улогата на фудбалот во општеството, користејки го истиот како алатка  за борба против расизмот, дискриминацијата и насилството. Начинот за постигнување на истото е создавање на партиципативна и толерантна кон различности  фудбалска култура.

Ја поздравуваме и се радуваме на иницијативата на сите инволвирани страни во проектот, да го препознаат и  да го искористат фудбалот како начин за зголемување на социјалната кохезија во еден мултиетнички  и мултикултурен контекст какво што е македонското општество.

Професионалните фудбалери насекаде во светот имаат  една посебна позиција од којашто можат да ја едуцираат и да ја инспирираат заедницата  да ги прифаќа различностите и  да ги почитува сите култури.

Соработката, начинот на комуникација, почита што ја имаат нашите репрезентативци меѓу себе и покрај различните националности се многу силна порака до тие што се на трибините, а и пошироко до општеството за соживот во една мултиетничка средина.

Фудбалот обединува!

ФФМ својата мисија како социјално одговорна организација ја продолжува и надвор од фудбалските терени:

-  Заедно со клубовите работи на намалување на насилството на стадионите и создавање на безбедни стадиони. Работиме на подигање на квалитетот на фудбалот во земјата, но сметаме дека безбедните и без насилство стадиони ќе ги вратат фамилиите - децата и жените, на трибините.

-  Исто така нашите напори за што поголем број на деца да почнат да тренираат фудбал од мали нозе - грасрут фудбал, се во насока на превенција од пороци и создавање на здраво општество

Ова се дел од работите на кои ФФМ работи и искрено се надевам дека нашата соработка како институции ќе доведе до продлабочено и пошироко сваќање на проблематиката од  сите инволвираните  страни. Исто така ова го гледам како можност за една подолгорочна соработка со поголем општествен импакт.

Спорт без граници!

Европа без граници!

Свет без граници!

Утопија која многу привлечно изгледа! 

Во свет каде се зборуваат многу јазици, јазикот на фудбалот е еден.  Да го искористиме него за меѓусебно да се разбереме. - во своето обраќање истакна Г-н Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.



   
   
А репрезентација