ФФМ работилница со социјалните партнери во фудбалот

Објавено на 16 Ноември, 2016 во Вести


Во организација на Фудбалската федерација на Македонија беше одржана работилница со социјалните партнери во фудбалот, а главна тема беа минималните критериуми во договорите помеѓу клубовите и играчите.

На работилницата учествуваа претставници на Уефа, претставници на клубовите од ПрваМФЛ, Здружението на европски фудбалски клубови,(ECA), Здружението на европски професионални лиги

( EPFL) , претставници на Синдикатот на фудбалери во Македонија, претставници  на ФИФПро (светско здружение на професионални фудбалери) . Фудбалската федерација на Македонија на состанокот беше претставенагенералниот секретар Филип Поповски, раководителот на правниот оддел Наталиа Илиевска – Божиновска и менаџерот на секторот Поддршка, Евгенија Милиновиќ.

Учесниците на семинарот го анализираа досега направеното во однос на имплементацијата на минималните услови во договорите во македонскиот фудбал и утврдија дека стандардизираните професионални договори донесени минатата  година од страна на Управниот одбор на ФФМ, ги исполнуваат предвидените критериуми договорени помеѓу социјалните партнери. Меѓудругото  присутните заклучија дека  во изминатиот период  направени се  измени и во Правилникот за регистрација, статус и трансфер на фудбалери на ФФМ во одредбите кои се релевантни за оваа материја. Присутните ја разгледаа и улогата на Арбитражниот суд при МОК.

Во текот на конструктивната расправа претставниците на клубовите, федерацијата и синдикатот се согласија дека  дијалогот треба да остане отворен и понатаму да се работи на надминување на разликите во решавање на прашања кои се однесуваат на односите помеѓу клубовите и фудбалерите.

-Мора да веруваме во социјалниот договор, овој тип на дискусии е многу важен и интресен. Нас ни е драго што има голем напредок од пред две години кога го презентиравме новиот договор. Процесот на имплементација на новите договори го мониториравме, детално го анализиравме и можам да потврдам дека има голем напредок и развој во односите помеѓу социјалните партнери. Завршивте одлична работа. Многу значајно за клубовите и синдикатот на професионални фудбалери во Македонија е тоа што вратата на Фудбалската федерација на Македонија е секогаш отворена за соработка, а тоа е можност која клубовите не смеат да ја пропуштат, рече претставникот на Уефа, Анџело Ригопулос.

-ФИФПро верува во социјалниот дијалог, организацијата во клубовите бележи напредок, но многу е важна соработката со другите страни, со Федерацијата и синдикатот. Преку вакви конструктивни разговори праќаме јасна порака дека заеднички се грижиме за иднината на македонскиот фудбал. Наша обврска е да го штитиме интересот на играчите, но и на клубовите и лигата. Потребен ни е праведен систам и сметам дека по оваа расправа сме цврсто решени тоа да го реализираме. Го поздравуваме интересот и тоа што заинтересираните страни седнуваат на маса и на ваков начин разговараат за отворените прашања кои понекогаш се чувствителни за некои од заинтересираните страни, истакна претставникот на ФИФПро.

Од страна на претставниците на Фудбалската федерација на Македонија беше истакнато дека ќе се поддржи секоја иницијатива која е во интерес на македонскиот фудбал. ФФМ и понатаму активно и добронамерно ќе учествува во сите договори меѓу клубовите и синдикатот околу подобрувањето на статусот на играчите и клубовите, но тоа истото го очекуваат и од другите субјекти во преговорите.





   
   
А репрезентација