Објавено на 02 Март, 2017 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија осигура наменски средства за реконструкција на стадионите во Турново, градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани и повеќе терени и игралишта кои имаа штети од поплавите. Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, објасни дека УЕФА и ФИФА навремено беа запознаени со штетите предизвикани од поплавите во нашата држава, а Европската и Светската фудбалска асоцијација во соработка со ФФМ издвоија средства за реконструкција на стадионите и терените.
-Видовме какви штети
предизвика невремето и поплавите и драго ми е што во УЕФА имаа слух, а ФФМ
секогаш ќе ја помага својата база. Најважно е што на тие терени повторно ќе се
игра фудбал. Состојбата на стадионите ја уочивме после поплавите. Тогаш е
направен предпроект за обнова и се пријавивме за средства од УЕФА и ФИФА. Тоа
се строго наменски и служат за санација на терените и стадионите, изјави
Филип Поповски.
На стадионот во Турново во тек е реновирање и прилагодување на соблекувалните, потоа реконструкција на кровната конструкција, а се гради и нова допинг просторија. По финализирањето на реконструкцијата стадионот ќе ги исполнува условите за одигрување натпревари од висок ранг.
На Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани во тек е реконструкција и санација на теренот, спуштање на хидромеханичка опрема во постоечкиот бунар и подготовка на траса за поставување на нова хидрантна мрежа на фудбалскиот терен. Во оваа фаза се монтира опремата за автоматизирано наводнување на теренот, поврзување на пумпните места и поставување на водени топови за автоматско наводнување на теренот.
На теренот во Драчево изработена е санитарна мрежа од артериски бунар, а во втора фаза ќе биде извршено ѓубрење на теренот.
Паралелно, ФФМ во соработка со УЕФА и ФИФА работи на проекти за реконструкција и на останатите терени и стадиони кои имаа штети предизвикани од поплавите.