Објавено на 30 Јануари, 2025 во Вести, Семинари
Фудбалската федерација на Македонија го спроведе годишниот семинар за доктори и физиотерапевти на тема „Ургентни состојби и траума во фудбалот“.
Настанот го проследија тимските доктори и физиотерапевти од националните репрезентации, како и клупските доктори и физиотерапевти од Прва и Втора МФЛ и од Прва ЖФЛ.
Организирана од Секторот за медицина и антидопинг и поддржана од УЕФА, медицинската работилница се одржа на 25. и 26. јануари 2025 година во хотел „Хилтон“ и истата имаше за цел да им ги презентира на тимските и клупските лекари и физиотерапевти најновите знаења и техники поврзани со ургентните медицински состојби во фудбалот.
Утринските сесии беа посветени на суштински теми и понудија теоретско знаење кое му е неопходно на секое медицинско лице за да биде добро подготвено да се справи со низа критични ситуации, вклучително и формулирање на акциони планови за итни случаи, спроведување на првични проценки на повредени играчи, решавање на инциденти со ненадеен срцев удар на теренот и практични демонстрации на процедури за итни случаи на теренот.
Предавањата од областа на трауматологијата ги држеа д-р Михајло Ивановски, д-р Александар Милески и д-р Небојша Настов, додека обуката за основно и напредно животно одржување и раната реанимација и брзата дефибрилација ја држеа д-р Азби Агуши и д-р Игор Неделковски. Брифинг за итни случаи на теренот даде и д-р Невзат Јонузи.
Во попладневните часови, учесниците имаа можност да се стекнат со практично искуство изведувајќи вежби на фантоми од медицинскиот симулациски центар.
Раководството на ФФМ на официјална средба во УЕФА со Александар Чеферин и Зоран Лаковиќ...