ФФМ организира семинар за тренери во женски фудбал

Објавено на 06 Мај, 2016 во Вести


Фудбалската федерација на Македонја во соработка со УЕФА како дел од програмата за развој на женскиот фудбал „Free-Kick On field development, организира дводневен тренерски семинар за тренерите во сениорските тимови во Прва женска лига, тренерите во национални женски репрезентации, како и за пријавените женски тренери за следниот УЕФА „Б“ курс.

Семинарот ќе се одржи на 12. и 13. мај 2016 во „Куќа на фудбалот“ – ФФМ и на терените на центарот „Петар Милошевски“. УЕФА инструктор за овој семинар е Ана Сигнул од Шведска, долгогодишен играч во женски тимови во Шведската лига каде го држи рекордот со вкупно 240 настапи, потоа тренер на тимови во Шведска, како и репрезентации до 16 и 18 години. Во моментот ја извршува функцијата селектор на женската репрезентација на Шкотска и е на добар пат да се пласира на ЕУРО 2017.

Ана Сигнул ќе има теоретско - практични презентации на теми од фудбалот со акцент на случувања и предизвици во женскиот фудбал.

Семинарот започнува во 11:00 часот со презентација во прес - салата на ФФМ.




   
   
А репрезентација