Објавено на 11 Јануари, 2021 во Вести
За македонскиот фудбал и активностите кои се превземаат за унапредување на условите и квалитетот на фудбалската игра кои се одвиваат во националните натпреварување, Фудбалската федерација на Македонија за првата половина од натпреварувачката сезона 2020/21 целосно ги подмири трошоците за патувања на екипите од сите младински лиги во рамки на ФФМ, Првата и Втората футсал лига и лигата во женска конкуренција. Исто така, Фудбалската федерација на Македонија продолжи да ги покрива целосните трошоци за официјалните лица на натпреварите во сите категории.
- Во изминатиот период еден од главните приоритети на нашата федерација, согласно стратешкиот план беше вложувањето во фудбалската инфраструктура и целосна поддршка во секаква смисла за Националните репрезентации и академиите на ФФМ.
Реализацијата на низа проекти, започнувајќи од стадионите во Прилеп и Чаир кои се веќе завршени, преку „Билјанини Извори“ во Охрид и стадионот во Кавадарци кои се во завршна фаза, потоа тетовско Џепчиште и вештачкиот терен во Струмица и започнувањето со активности на стадионот во Штип ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура, но исто така да бидеме од помош за лигите и развојот на младинскиот, футсал и женскиот фудбал.
Фудбалската федерација на Македонија веројатно е единствената спортска институција во нашата држава која на таков начин, со средства од свои и извори од меѓународните фудбалски институции, ги реализира своите проекти и никогаш нема да ги изневериме очекувањата на клубовите во таа смисла. Сите наведени трошоци ќе ги покриваме и во полусезоната која нѐ очекува веќе од март оваа година и се надеваме дека тоа ќе биде поттик за сите екипи од лигите да придонесуваат повеќе во развојот на нашиот фудбал, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.