ФФМ ќе овозможи бесплатен влез за ученици од прво до деветто одделение на натпреварот Македонија - Луксембург

Објавено на 06 Октомври, 2014 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија  овозможува бесплатен влез за ученици од прво до деветто одделение, за деца без родители и од социјално ранливи категории за натпреварот Македонија - Луксембург кој ќе се одигра на 9. октомври во 20.45 часот. Децата можат да дојдат на натпревар заедно со родител или старател, а потребно е само да покажат ученичка книшка на билетарата на арената „Филип Втори“ или на инфо пултот во Skopje City Mall и да го подигнат бесплатно својот билет.

Целта на оваа активност е создавање навика кај најмладите за одење на спортски натпревари од рани години, со цел уште повеќе да го засакаат фудбалот и да можат своите идоли од поблиску да ги гледаат. Спортот е од исклучително значење за правилниот раст и развој на едно дете, за негово насочување кон вистинските вредности. Преку спортот децата на еден здрав начин се дружат, создаваат здрави навики, се натпреваруваат меѓу себе и се подготвуваат за светот на возрасните.  А, секој спортист и тим кој ги брани боите на својата држава, кој придонесува за афирмација на својата татковина, кој го обединува народот и наметнува победнички менталитет заслужува подршка, изјави Илчо Ѓорѓиоски, Претседател на ФФМ.

Да им дадеме подршка на нашите фудбалери во новиот квалификациски циклус Еуро 2016 и заедно да го подигнеме чувството за припадност кон нашата татковина, навивајќи за Македонија. Репрезентацијата отсекогаш била сцената на која македонците го потврдувале талентот и квалитетот, но без помош од нацијата, без поддршка од народот, нема да успееме. Полните трибини и еуфоријата пред и за време на натпреварите се наша голема победа.

Заедно до победа!




   
   
А репрезентација