ФФМ ја продолжи соработката со ЈАКО со нов дизајн на репрезентативниот дрес

Објавено на 05 Октомври, 2016 во Вести

Во куќата на фудбалот беше презентиран новиот дизајн на репрезентаивните дресови со кој се најави продолжувањето на соработката помеѓу Фудбалска Федерација на Македонија и германскиот бренд на спортска опрема ЈАКО.

Распространетото златно сонце со осум сончеви краци е национален симбол во повеќевековната историја на Македонија и претставува спокој, храброст и сила на сите Македонци. Инспирирани од знамето кое се виори на ветрот, дизајнерот го поставува „сонцето“ малку брановите.

Би сакале да се заблагодариме за досегашната соработка со германската компанија ЈАКО. На почетокот на квалификацискиот циклус за Светското Првенство во Русија во знак на продолжување на соработката во следниот период, подготвивме нов дизајн на репрезентативните дресови. Дизајнот беше подготвен од страна на дизајнерот на Фудбалската Федерација на Македонија, Рахила Илиев, и би сакал да ѝ се заблагодарам за успешно подготвениот дизајн. Искрено се надевам дека новите дресови ќе ѝ донесат радост на Македонија и дека ќе им донесат среќа и мотив повеќе на играчите - истакна претседателот на Фудбалска Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.

Ми претставува задоволство да го најавам новиот циклус на соработка со Фудбалска Федерација на Македонија. Кога бев во Скопје пред неколку месеци, моите соработници од ФФМ ми најавија дека новиот циклус на квалификации сакаат да го играат во дрес со персонализиран дизајн, кој самите го имаат подготвено. При изработката на прототипот кој ни го испрати Рахила Илиев и самите се уверивме дека станува збор за прекрасен дрес, кој го изработивме од врвен материјал со цел на играчите да им се обезбеди максимален комфор. Им посакувам многу успех со новите дресови на македонските репрезентации - порача високиот претставник на ЈАКО, Ханс Веркле.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски исто така го изрази задоволството од досегашната соработка со германската компанија ЈАКО, и изрази благодарност до сите вклучени во процесот на подготовка на новите репрезентативни дресови.

Новите дресови за прв пат ги облекоа Богатинов и Ѓорѓев од А репрезентацијата и Маркоски и Алексовски од репрезентацијата до 21 година.

Ние сме земја која фудбалот го доживува многу страствено, а сонцето на напите дресови зборува толку многу за нашата земја и за нашата репрезентација. Ни се допаѓа новиот дрес бидејќи ги комбинира традиционалните елементи со модерните детали - велат репрезентативците.

Новиот македонски фудбалски дрес наскоро ќе биде достапен и на официјалната интернет продавница на ФФМ, www.fanshop.ffm.mk.




   
   
А репрезентација